Достапни линкови

Нова акција на „Ретвитни оброк“ за полно срце и полн стомак


Илустрација, оброци подготвени од активисти од „Ретвитни оброк“
Илустрација, оброци подготвени од активисти од „Ретвитни оброк“

Шеста година по ред група млади активисти слободното време во петок го поминуваат во подготовка на топол оброк за сиромашни и бездомни луѓе. Младите од граѓанската иницијатива „Ретвитни оброк“ досега подготвиле илјадници оброци за своите сограѓани и немаат намера да запрат.

Од едната страна се гладните за барем еден достоинствен оброк во денот, а од другата, оние кои се расположени волонтерски да помогнат за социјално загрозените барем еден ден во седмицата да имаат полно срце и полн стомак.

Среќа е што имаат начин да се сретнат, благодарение на една идеја која прерасна во мисија. Уште една епизода од оваа успешна приказна која ја слави емпатијата во свет каде бројот на сиромашни безмилосно расте, се случува во Скопје овој петок.

Кристијан Калинов
Кристијан Калинов

Кристијан Калинов, кој е волонтер во „Ретвитни оброк“ речиси од почетокот на оваа хумана иницијатива, вели дека жарот кој го носи акцијата, не стивнал за време на паузите од групно готвење, но тука се вклучила неизвесноста. Во периодите кога не готвеле, делеле конзервирана храна, а по паузите, готвеле без најава и со намалени капацитети.

„Сѐ беше во неизвесност изминатава година. Така и иднината на нашата иницијатива. Благодарение на дарежливоста на многу луѓе ние сѐ уште имавме можност да делиме конзервирана храна, но секако сакаме да им го дадеме на луѓето најдоброто што можеме, а тоа е еден достоинствен и зготвен оброк“, вели Калинов.

„Граѓанска должност е да се грижиме едни за други“

Бројот на оние кои се„невидливи“ за некого, но не и за волонтерите во „Ретвитни оброк“ за жал постојано расте. Иако немаат официјална статистика, волонтерите очекуваат зголемен одзив на гладни луѓе.

„За жал ваквите статистики кај нас не секогаш се достапни. Со оглед на финансиската бура низ која поминуваат речиси сите граѓани на Македонија изминатава година, ние допрва ќе ги согледуваме последиците и ќе дознаваме за нови луѓе кои дошле до позиција да имаат потреба некој друг да обезбеди оброк за нив. Иако за ваквите состојби се потребни системски решенија, ние како граѓанска иницијатива сакаме секогаш да потсетуваме на нашата граѓанска должност да се грижиме едни за други. Да му помогнеме на оној кој е околу нас, онолку колку што можеме. Тоа е многу помоќно долгорочно решение од колку било какви системски решенија кои секако се неопходни“, изјави Калинов за РСЕ.

Ретвитни оброк
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:26 0:00

Видео од една од акциите на „Ретвитни оброк“

„Ретвитни оброк“ сега имаат официјален повик, време и место за нова акција, со нагласување на потребата од почитување на сите мерки. Ако сакате да им се придружите во акцијата со реден број 300, можете овој петок да појдете во просториите на „Гласност“ на ул. „Петар Поп Арсов“ бр. 6, до „Универзална сала“, во 14 часот. Маските при работа со храна се задолжителна опрема.

„Процесот веќе изгледа малку различно. Како и досега, ќе продолжиме да ги следиме мерките кои се препорачани од Министерството за здравство. Луѓето кои ја добиваат храната ги разретчивме низ разни локации во градот за да не се изложуваат на големи собири. Тоа значи повеќе работа за нашите партнери од „Љубезност“ кои ја делат храната, но тие се неуморни во оваа работа и секогаш одат и чекор понатаму за да се заврши работата како што треба“, вели волонтерот.

И овојпат нема конкретен план за тоа што точно ќе се готви, но јасно е дека оброкот треба да биде полн со нутриенти. На „менито“ ќе се стават оброците кои може да се зготват со помош на моментално достапните намирници.

„Се обидуваме да го „прошараме“ менито за да не стане здодевно и имаме многу креативни волонтери кои од истите состојки знаат да направат сосема различен оброк. Забавно ни е да експериментираме. Она што се трудиме секогаш да биде застапено во еден оброк е: јаглехидрати, протеини и витамини“, истакна Калинов.

„И средношколци и пензионери вложуваат енергија во иста цел“

Можеби немаат официјална информација за вкупен број на гладни, но можат да се пофалат со голем број на волонтери од супер широка возрасна палета.

„Ова е една од моите лични најголеми радости во однос на нашата иницијатива! А тоа е разновидноста на луѓето кои волонтираат. Имаме луѓе од 7 до 87 години. Дури и за време на пандемијата, ние имаме група средношколци од средното училиште „Јосип Броз Тито“, кои барем еднаш месечно подготвуваат храна за нас. Исто така, имаме и неколку пензионери кои постојано ни подготвуваат храна. Ова е убавото, што луѓе од различни возрасти согледуваат дека можат да направат некаков придонес. А нивниот придонес не е залуден. На некои луѓе тоа им ја прави разликата од глад во ситост во еден ден“, додаде Калинов.

Во случајов не е пресудна возраста, туку желбата! Ако ја имате, вклучете се во групното готвење, или пак, доколку не можете да ги посетите просториите на „Гласност“ во предвидениот термин, згответе оброк дома и донесете го во сабота, во 13 часот, пред куќата на Мајка Тереза, за да споделите парче радост и да пратите инспиративна, хумана порака до луѓето околу себе.

Автор - Емилија Бунтеска Нацоска

XS
SM
MD
LG