Достапни линкови

Непотребна паника од бактеријата МРСА


Клинички центар во Скопје, државна болница.
Клинички центар во Скопје, државна болница.

Минатиот месец бактеријата МРСА е откриена кај едно дете во училиште во Бутел, а вчера кај три деца во градинка во Чаир. Мерките со кои се спречува ширењето на оваа бактерија се успешни, велат здравствените власти.

По спроведени контролни брисеви на вработените не постои простор за паника во врска со откриените случаи на инфекција со бактеријата МРСА во основното училиште во Бутел и во градинката во Чаир, велат здравствени власти.

Од минатиот месец до сега регистрирани се четворица пациенти заразени со стафилококната бактерија МРСА. Инфекцијата во февруари беше изолирана кај едно дете во училиште во скопската населба Бутел, додека вчера по земени брисеви откриени се три заразени деца во една градинка во Чаир.

До контролите во градинката доаѓа откако минатиот месец мајка пријавила дека кај нејзиното дете од училиште во општината Бутел во нос била изолирана бактеријата МРСА. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека по успешното лекување ученикот е вратен на настава во училиштето во Бутел, а трите деца од градинката се на домашно лекување, и ќе се вратат во институцијата откако ќе биде потврдено дека ја немаат бактеријата.

Од Инспекторатот информираат дека се преземени мерки на заштита.

„Наложено е да се направи дезинфекција, проветрување и сите други мерки во вакви ситуации, а децата се лекуваат и не доаѓаат во градинка“, информираа доктор Ирина Сотирова Бухова од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Таа потсети дека претходно и во основното училиште во Бутел биле земени брисеви од сите деца во одделението и кај ниту едно не е пронајдена бактеријата. И таму е направена дезинфекција и преземени се мерки за заштита.

Лекарите посочуваат дека МРСА е меѓу најчестите бактерии кои се откриваат во болничките установи, и оти од оваа форма на стафилокок најчесто заболуваат лицата со ослабен имунитет.

Од ДСЗИ велат дека нема простор за вознемиреност во јавноста и дополнуваат дека екипите на Центарот за јавно здравје биле на терен, издадени се мерки, децата се изолирани и се ставени под терапија кај матични и соодветни специјалисти. Бактеријата се лекува со соодветни антибиотици.

„Решенија се издадени, механичко чистење, дезинфекција сет мерки кои се протокол за вакви ситуации“, вели доктор Бухова

Со смирувачки тонови денеска се огласи и портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

„Сакаме да потенцираме дека апсолутно не постои никаков простор за паника. Станува збор за бактерија од групата стафилококни бактерии. Според направените анализи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и од резултатите од Центарот за јавно здравје, овој вид на бактерија се лекува со редовни лекарства и со обична антибактериска маст. Истовремено од страна на ДСЗИ веќе се преземени сите неопходни мерки и во училиштето и во градинката, спроведена е дезинфекција, механичко чистење на просториите и сите други мерки кои ги наложува протоколот при појава на каква било бактерија. Не постои потреба за затворање ниту на училиштето, ниту на градинката," рече Бошњаковски денеска на прес-конференција.

Тој потсети дека во училиштето во Бутел единствениот случај на МРСА е регистриран на 22 февруари, а сите останати брисеви од ова училиште биле негативни, додека во градинката во Чаир оваа бактерија била утврдена кај три деца на возраст меѓу пет и шест години. Биле земени превентивно брисеви од 36 деца, две воспитувачки и една хигиеничарка и сите се покажале негативни. Децата заразени со оваа бактерија се на домашно лекување.

Бактеријата МРСА може да предизвика сериозни инфекции кај лицата со намален имунитет и кај тие со оштетена кожа или слузници. Доколку продре под кожата или во телото, бактеријата може да предизвика сериозни заболувања како гнојни инфекции на кожата, воспаление на дишните патишта, пневмонија.

Инфекцијата може да се пренесе преку физички контакт, преку кожата или пак преку кивање или близок контакт со преносителот.

За заштита од инфекцијата со оваа форма на стафилококна бактерија, треба да се води сметка за правилната и редовна лична хигиена. Редовното миење на рацете е најважна работа. Задолжително треба добро да се измијат рацете со сапун и млаз вода пред секое земање на храна или после посета на болен. Треба да се избегнува контакт со болни, како и да се избегнува користење на заеднички предмети за лична хигиена

Инаку пред повеќе месеци бактерија МРСА беше пронајдена кај вработен стоматолог во Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“во Скопје. Тој беше изолиран и беа преземени сите мерки за заштита за да се исклучи секаква можност за ширење на зараза со оваа бактерија. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат тогаш посочија дека не постои никаква опасност за ниту еден пациент кој бил во претходниот период или ќе биде пациент во Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ во Скопје, затоа што во заботехничките работилници каде што работел вработениот, кај кого во отпечаток од раце во Институтот за микробиологија е најдена бактеријата МРСА, се работи исклучиво со заштитни ракавици и има доволно средства со кои се дезинфицираат забните одливци.

Превенцијата од овие инфекции во болница пред сè се состои во придржување до мерките како што се одржување на хигиена во просториите, редовна дезинфекција, но пред се хигиена на рацете и носење заштитни средства како маски и ракавици.

Лекарите велат дека бактеријата МРСА ја има во сите болници во светот и дека нема причина за вознемиреност.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG