Достапни линкови

Неорганизирани земјоделци и незаинтересирана држава


Деновиве праските од Росоман се продаваат за 40 денари по гајба. Земјоделските производители се жалат на ниската цена и незаинтересираниот однос на државата кон нив. Експертите пак укажуваат на неорганизираноста на земјоделците сами да се изборат за подобра позиција

Денеска праски истурени по улиците, утре некоја друга земјоделска култура. Сликите на незадоволни и гневни земјоделски производители кои ги фрлаат своите производи затоа што не успеале да ги пласираат на пазарите не е непозната за македонската јавност. Ниската откупна цена која им ја нудат откупувачите, за нив е поразителна, па затоа очајно бараат помош од државата и закони со кои ќе им се решат проблемите.

„Пласманот е најважната работа на еден производ во државата. Нема откуп, бидејќи нема моќ за побарување. Побарувањата се секогаш ограничени. Затоа Владата треба да бара соодветни партнери во странските држави за да се пласира пазарниот вишок којшто го имаме“, вели земјоделецот Љупчо Аризанов.

Тој сепак признава дека и самите земјоделци имаат вина бидејќи, не ретко, пласираат производи кои не ги задоволуваат европските стандарди.

„И ние треба да си ги прифатиме критиките кон нас, бидејќи и самите не сме проевропски ориентирани, бидејќи кога ќе ни кажат прва класа роба или екстра, ние забошотуваме. Кога се бара екстра треба да е такво, а ние во тој дел сме многу слаби и затоа ги губиме пазарите надвор. Ќе извеземе еднаш или два пати, трет пат никој не нѐ бара“, признава Аризанов.

Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци вели дека земјоделците никој од надлежните не сака да ги чуе.

„Во оваа ситуација треба премиерот да ги собере сите наши извозници и тој да чукне на маса. Ние земјоделците засега сме пикнати во еден ќош од кој не може да излеземе. Сега е праската, на ред ќе дојде јаболката, па сливата и за неа нема да има пласман. Потоа јачменот, пченицата за која сега нудат 8 денари, значи за тоа што го нема, даваат висока цена, а тоа што го има не трпи“, вели Тантаров.

Но, стручната јавност посочува дека државата не може и нема право да се меша во пазарните односи, затоа што трговијата е приватен капитал. Кога на пазарот ќе се јават две нерамноправни субјекти, од кои едната се вештите и добро организирани откупувачи, а другата економски слабите и разединети земјоделци, резултатите се вакви, вели професорот Јован Анакиев. Еве како според него може да се подобри состојбата во агросекторот.

„Земјоделците мора да бидат поорганизирани. Ако земјоделците не се здружат со пари да градат ладилници да се чека зимско време кога цената на овие производи е поповолна, нема спас. Ако заеднички не се дружат да продаваат преку формални договори. На пример педесеттина земјоделци да насадат иста сорта домати и заедно да се договорат кога ќе дојде трговецот, ќе му понудиме иста цена. Така се работи во Европа. Сите фабрики се на земјоделците и парите си ги делат тие. А кај нас парите одат кај откупувачите. Се додека нашите земјоделци не се организираат така, им нема спас“, посочува Анакиев.

Земјоделците пак велат дека сѐ додека не се донесе правилник кој ќе предвидува заштитена цена на производот, ситуацијата нема да се подобри.

„Сѐ додека некој не седне да донесе правилна одлука околу производната цена на патлиџани, пиперки, бостан, грозје и сл. цената да биде заштитена од страна на државата, тогаш може да барате од земјоделецот и да произведе и да биде заштитен, но и производот да биде квалитетен. Државата остави се да се решава стихијно, а така не се решават работите во европските земји, вели Аризанов.

Иако производството се планира, тоа понекогаш не соодветствува со зголемениот род, на кој според Анакиев, најмногу влијаат метеоролошките услови. Па токму затоа не ретко се случува да има поголемо производство од планираното, а вишокот да нема каде да биде пласиран.

Вчера на кванташкиот пазар во Росоман цената на една гајба праски од 10 килограми се продаваше од 40 до 80 денари. Производителите велат дека минималната цена на една гајба квалитетна праска треба да биде до 50 денари за килограм и оти понидените цени не можат да ги покријат ни основните трошоци вложени во производството.

Неодамна министерството за земјоделство соопшти дека откупот на праските оди без проблеми и дека првите шлепери веќе стигнале во Русија.

„Откупот на праските во Росоманско, како регион кој е најголем производител на ова овошје, се одвива непречено. Повеќе камиони чекаа на откупните места да се откупи праска и да се замине на пазарите во Русија, Косово и Црна Гора. Цената е од 15 до 20 денари, во зависност од квалитетот. Претставници од МЗШВ, кои беа на лице место, соопштија дека првите камиони со праска без проблеми веќе стигнале на рускиот пазар“, соопшти тогаш ресорното министерство.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG