Достапни линкови

Неделници - „од надувана метла до идеолошка замелушеност“


Премиерот Зоран Заев
Премиерот Зоран Заев

Надувана метла и издишани балони. „Идеолошка замелушеност кај мандаторот“, се дел од пишувањата на неделниците деновиве

„Надуваната метла заврши како издишан балон“ – има една најава за неколкуте текстови во Фокус во врска со тукушто направената реконструкција на Кабинетот на премиерот Зоран Заев. Со „Бахрудиновиот принцип“ ја споредува неделникот промената на некои министри за да праша: „Што се изроди? Ништо посебно, дури и оние министри од СДСМ што ги смени, ги зеде пак околу себе. Тој демек, измел, а народот демек мижи и демек не гледа дека ѓубрето е сè уште околу него“. Авторот на една од колумните во истиот неделник, очигледно незадоволен од реконструкцијата, пишува дека први требало да бидат изметени „најнепопуларните министри – при МВР, здравство, неколку несреќници кои ѓоамити бркаат странски инвестиции и, секако, неспособните кадри на ДУИ. Вака метлата се скина уште на првото камче“.

Во редакциска анализа најновото издание на онлајн магазинот Глобус се поставува прашањето: „Останува ли СДСМ без партиската програма?“ – инспирирана од владината реконструкција, најмногу од разрешувањето на министерот за финансии, Драган Тевдовски, и најавата дека премиерот Заев ќе го раководи тој ресор на определено време. Во текстот се забележува дека екипата за социјални и финансиски реформи, која опстојуваше како посебна целина во СДСМ последните пет-шест години, почнува да се еродира, во поново време и со оставката на Бранимир Јовановиќ, советникот на министерот Тевдовски и изразит левичар, а сега и со смената на министерот. Покажува ли ова дека се менува класниот поглед на Владата? Или се разрешува видливиот „расцеп ала Сент Андреа“ во економскиот сектор меѓу бизнис лигата на Анѓушев, како продолжена рака на Стопанската комора и притисокот од влашкото лоби во неа, и левичарскиот поглед во двете министерства, она за Социјала и труд и Финансии? Анализата во Глобус наведува дека „очигледно постои идеолошка замелушеност кај мандаторот“ со најконтроверзиот потег на „метлата“ – смената на Тевдовски, за кој е познато дека сакал „да биде како министер за финансии во Данска – да не се наметнува многу во јавноста, ама системот да функционира“. Или станува збор за незадоволство од тоа колку тој го отвора чекмеџето – чувајќи ја ликвидноста на буџетот, овој сега веќе ексминистер не го поттикна финансискиот популизам. Бидејќи и премиерот ги призна храбрите одлуки на Финансии неделникот прашува: „Што значи тогаш смената?“ Има разни озборувања, но битно е да се знае дали СДСМ стои на својата економско-социјална програма, најбитна за партијата со такво име или останува само на – своето име?

Главната тема во Капитал се осврнува на масовното иселување од земјава, особено на млади образовани луѓе, што станува најголема пречка за македонската економија. Па ја наведува сопствената анализа направена врз база на податоците на Евростат. Од последниот попис на населението во 2002 година до лани, вкупно 358.414 лица веќе станале граѓани на ЕУ пред државата да стане дел од европското семејство. Капитал потсетува на предупредувањата на многу бизнисмени дека македонската економија останува без работници, што станува хронична појава, и дека државата мора да работи на проблемот на енормното иселување што се случува во Македонија. Експертите посочуваат, подвлекува Капитал, дека решението не е ниту лесно, ниту брзо. Треба да се почне со реформи во образованието, од кои резултатите ќе се видат најрано за десетина години, потоа, државна поддршка за структурни промени во индустријата која наместо традиционалните нископрофитни гранки ќе ги зајакне металопреработувачката индустрија, хемијата, фармацијата и други пропулзивни гранки коишто ќе исплаќаат поголеми плати и ќе ги задржат младите во земјава.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG