Достапни линкови

Најавена стратегија за поддршка на талентираните ученици


Ученици на прв школски ден
Ученици на прв школски ден

Нема системско решение за развивање и насочување на надарените деца. Тоа е оставено на посветеноста, финансиите и слободното време на родителите, како и иницијативноста на наставниците за организирање вон наставни активности. Дополнително, повеќе не се применува мерката додатни часови за натпросечните ученици и дополнителни за учениците со послаб успех.

Овие причини доведоа до иницирање стратегиска програма за талентирани и надарени деца „Фонд за млади умови“ на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). За да се подготви програмата, деновиве ФИТР собираат предлози и мислења од претставници од формалното и неформалното образование, од родители, наставници, студенти и средношколци. Тие се поделени во четири фокусни групи кои денеска и утре разговараат со експерти за најдобрите решенија што ќе ги содржи стратешката програма.

„Во училиштата ретко гледаме иницијативи за воншколски активности кои се наменети за тие деца на кои им треба нешто повеќе од она што го добиваат на настава и најчесто тоа се сведува на личниот ангажман на наставникот односно дали има или нема ентузијазам да работи додатно. Нема системски пристап како да се допре до потребите на сите деца со висок потенцијал. Токму тоа сакаме да го промениме. Меѓу темите за дискусија на фокусните групи ќе биде и како да се препознаат надарените и талентираните и што натаму да се прави со нив. Но нашата програма нема да се фокусира само на децата со многу висок коефициент на интелигенција, туку идејата е да се обезбеди поддршка и мотивација за сите деца, додатни ангажмани и екстра потреби што тие ги имаат“, истакна Наталија Стојанова-Трајковски од ФИТР.

Програмата треба да биде стратегиска рамка со утврдени критериуми, мерки, инструменти и инфраструктура за поддршка на учениците. Сега, рече таа, ја согледуваат ситуацијата во државата, потоа ќе подготват анализа на потреби и анализа на евентуални празнини. Прв чекор во подготвувањето на концептот на програмата се состаноците на четирите фокусни групи кои ги води експертот Ребека Елис од УНИЦЕФ – партнер на ФИТР во овој процес.

Претпладнево почна да работи првата фокусна група со претставници од државни институции, владини тела од областа на образованието и од универзитетите во земјава. Попладне ќе работи втората фокусна група со претставници од невладиниот сектор и едукативни центри што нудат нестандардно образование.

Утре ќе се работи со уште две фокусни групи – во третата се претставници од училиштата – наставници и стручна служба (педагози и психолози) и родители, а во четвртата група, од која ФИТР очекува најинтересни обработливи информации, се најзасегнатите – средношколци и студенти.

XS
SM
MD
LG