Достапни линкови

НАкС: Со етички кодекс против академската слобода


Во отсуство на одговори зошто се предлага нов етички кодекс во Независниот академски синдикат (НАкС) се сомневаат дека мотивот на Ректорската управа е да донесе алатка за репресија на слободната мисла. Тие велат дека само до дел од вработените е доставен нацрт-текстот на управата на Универзитетот.

Се крие ли зад предложениот нацрт Етички кодекс чија изработка ја започна ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“всушност обид за борба против неистомислениците, прашуваат од Независниот Академски Синдикат?

До овие реакции кај дел од академската заедница доаѓа по започната постапка на ректорската управа на УКИМ за изработка на нов Етички кодекс на државните факултети во Скопје чиј нацрт текстот е доставен само до дел од вработените на факултетите на УКИМ .

Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во средината на јануари годинава започна постапка за изработка на новиот Етички кодекс, а од изработката и од јавната расправа за овој важен документ се исклучени и синдикалните организации, иако приложениот Нацрт-Етички кодекс експлицитно уредува права и обврски и кон нив, реагираат од НАКС.

Меѓу дел од професорите се поставува прашањето како се јавила потреба за промена на постојниот етички кодекс на УКИМ со нов и со какви аргументи, наместо да се надгради постојниот за да се создаде подобра верзија.

Свое мислење за проблемите во нацрт документот ни даде професорката Елена Џукеска – претседателка на НАКС . Таа имаа забелешки дека текстот е напишан со репресивен дискурс и дополнува дека проблематично е што во јавноста дури нема информација и за тоа дали потребата за промена на кодексот била ставена на дневен ред на Сенатот.

“Ова имплицира дека и Сенатот не е консултиран за предлог документот и тој само е "поминат" на ректорската Управа. Тоа е еден проблем, а и еден дел од вработените на факултетите не се информирани што се носи. Вториот поголем проблем е што не е образложено воопшто зошто има потреба да се менува и кој утврдил што е лошо во постојниот кодекс и има ли анализа, но за ова нема доставено информација за нас. Практично ова што се предлага во голема мера е превод од кодексот на универзитетот на Загреб и не јасно зашто тој е земен како основа, а не на пример од други универзитети кои се повиско рангирани во светот”, вели претеседателката на НАКС Елена Џукеска.

НАкС со обвинување до ректорите за атак врз синдикалното здружување

Одговори на овие прашања тие побарале во февруари, но тие уште не им се приложени, па засега само шпекулираат кои се намерите на Ректоратат за носењето нов кодекс. Но, во НАкС им се чини дека мотивот на органите на управата е да се даде рамка за еден вид на цензура.

Анализата на новиот нацрт кодекс кој, според нив, е донесен на нетранспарентен начин покажала дека има повеќе одредби кои, како што велат, претставуваат јасен обид да се спречи јавното делување на членовите на академската заедница, надвор од официјалната догма на органите на УКИМ.

На пример, претседателката на НАКС, Елена Џукеска вели дека особено ја загрижува и тоа што новиот предлог кодекс ја промовира идејата дека членување во синдикати, како и во здруженија и фондации е неетичко.

Таа нагласува дека Етички кодекс е потребен и оти текстот треба да е врвот на саморегулацијата на УКИМ како морална автономија, но дополнува дека наместо да регулира односи, документот нив всушност ги забранува.

“Кажува што не смееш да направиш и во голема мерка ти кажува и што да правиш во слободно време односно кави јавни настапи да имаш, ти кажува што смееш, а што не смееш да кажеш. Особено е опасно што во почетниот дел каде што се објаснуваат термините, терминот злоупотреба се поврзува со работа на синдикати, и здруженија и фондации и имплицира дека за вработени може да е неетичко членување во синдикат, здруженија и фондации ако управата констатира дека тие институции со нешто го повредуваат угледот на Универзитетот, а нема јасна дефиниција што е углед”, вели Џукеска.

Една од клучните забелешки на НАКС се однесува и на тоа дека според нацрт текстот, комисии ќе постапуваат по претставки за прекршување на Етичкиот кодекс, но во самиот текст не е предвидена постапка за докажување на евентуалните прекршувања ниту, пак, е предвидено правото на одбрана и жалба. Постапката треба да биде дефинирана од самите членови на комисиите, кои исто така, според анализата и забелешките на НАКС, се бираат без конкретни критериуми и постапка, со што се отвора дополнителен простор за злоупотреба.

Во една од комисиите се предвидува членство на генералниот секретар на Универзитетот, кој е помошен орган на ректорот, со што се става во улога тој да биде и тужител и судија.

Џукеска потенцираме дека Универзитетската етичка комисија не смее да има допирни точки со Ректорската управа.

Независниот академски синдикат бара од Ректорската управа и Сенатот на УКИМ Нацрт-Етичкиот кодекс да биде целосно отфрлен и да се отпочне постапка во која ќе бидат вклучени Сенатот и единиците на УКИМ уште од самиот почеток на постапката.

Радио Слободна Европа се обиде да стапи во контакт со Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски за новиот нацрт етички кодекса, но одговор до овој момент не добивме.

Од НАкС најавуваат дека доколку Ректоратот не го отфрлат Нацрт Етичкиот кодекс и не отпочнат нова транспарентна постапка тогаш тие ќе ги искористат сите правни механизми "за одбрана на достоинството на академската заедница".

Ова не е првпат НАкС да реагира дека Ректоратот прави "атак" врз синдикалното здружување. Пред една година Претставниците на Независниот академски синдикат изразија револот од дописот на ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, со кој на вработените во високото образование им беше побарано да формираат синдикат кој ќе биде под директен надзор на генералниот секретар на ректорот. Тогаш ректорот на УКИМ, Јанкуловски објасни дека зачленувањето во синдикатот е доброволно и додаде дека на сите јавни универзитети се формираат синдикати на ниво на работодавач, а потоа тие ќе се здружат во повисока форма на организирање – синдикат на јавни универзитети.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG