Достапни линкови

Драматургијата на мирис и одор на Миа Николоска во е-книга


По „Сирота мала богата драма“, „Преведување на визуелната драматургија“, Книгата рецензии за 11 кратки драми на современи автори од Македонија, драмските текстови на нашата Ирма Р. Башеска, Вид Адама Хрибар и Нина Бајсиќ од Хрватска, „Антропологија на искуството во театарот“ на Иванка Апостолова и „Петтиот чин“ драмата на Љубомир Ѓурковиќ од Црна Гора, како издание на Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, во рамките на едицијата на книги и е-книги „Театар и изведувачки уметности“, ќе се појави и Драмски текст и драмски етиди на младата драмска авторка и драматург Миа Николоска.

Оваа е-книга на младата и талентирана авторка, инаку студент на Одделот за драматургија, драмско пишување и сценаристика на ФДУ Скопје, содржи еден драмски текст „инКВИЗиција“ и две етиди „СМЕЛЛ-ЛОСТ“ и „ТИМ-ОБАЈЛ“, а нејзината дигиталната видео промоција ќе се одвива во периодот од 18 до 20 мај годинава.

Говорејќи за едицијата д-р Иванка Апостолова Баскар истакнува дека од 2018 наваму Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА издава претежно електронски книги „бидејќи се поекономични и поедноставни за спроведување на локална и меѓународна дигитална интернет промоција и дистрибуција“ и дека така постигнуваат „побрза и поголема меѓународна видливост на нивните активности и изданија“. Притоа дополнува дека, зависно локалните, регионални и меѓународни соработки, досега издале книги и е-книги на македонски, англиски, словенечки и хрватски јазик.

Издаваме современи драмски текстови, театарски преводи и авторски истражувања од доменот на антропологијата на театарот, сценографски сликовници, театарска поезија, театарски стрип … Со тоа Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА го поддржува и истакнува развојот и уметноста на современата домашна женска драматургија и драматика, со меѓународна дигитална промоција и дистрибуција, ги поддржува авторките и авторите на современата домашна младинска и возрасна драмска уметност. Со тоа наедно апелираме за редовна застапеност и поставки на домашните авторки и автори на домашната театарска сцена, вели уредничката Апостолова Баскар.

Во својство на промотерка таа и со дополна дека Миа Николоска во нејзините дела развива своевидна Драматургија на мирис и одор - драматика на миризливото и смрдливото. Вели дека авторката „поседува извонреден талент и луцидност за создавање контекстуални нови термини, кованици и неологизми – додадена вредност кај драмските автори“.

Во нејзината драма „инКВИЗиција“ и кратките драмски етиди „СМЕЛЛ-ЛОСТ“ и „ТИМ-ОБАЈЛ“, Миа развива своевидна Драматургија на мирис и одор - драматика на миризливото и смрдливото. Иако пред неа се многу нови истражувања, пишување и професионално докажување - таа поседува извонреден талент и луцидност за создавање контекстуални нови термини, кованици и неологизми – додадена вредност кај драмските автори. Посочувам неколку извадоци: Министерство за хигиена, животинска интеракција, артефакт „младенче‘‘, Центар за рекреативен лов на хомосапиенси, сексуален селектор, Предмет: историски опасности; античко оплодување; работа во црквата на Гугл; апостол Гејтс … Нејзиниот текст „инКВИЗиција“ е зрел за сценска поставка, смета д-р Иванка Апостолова Баскар.

Миа Николоска, фото: Дејан Колевски

Во своето видео обраќање, пак, Миа Николоска говорејќи за драмата забележува дека тоа го сторила бидејќи тематски делото е сместено во иднината.

- Во драмата „инКВИЗиција“ имам многу кованици и измислени термини бидејќи драмата е сместена во иднината. И нормално е дека луѓето нема да зборуваат исто тогаш како што зборуваме ние сега. Од таа причина морав да направам еден нов, ако може така да се каже, јазик. Пред да почнам да пишувам било што, секогаш се трудам да имам доволно истражено за темата за која пишувам и да знам како ликовите би се однесувале во драмата. Пред било што да ставам на хартија, додека сто од сто не сум сигурна дека е тоа така, не го пишувам воопшто. И може да се каже дека тоа е еден вид на метод кој јас го користам додека пишувам, појаснува авторката.

Таа и со дополна дека инспирација за пишување наоѓа секаде околу себе – од луѓето околу себе, нешто што ќе прочита, а конкретно за „инКВИЗиција“ бил случајот на еден сериски убиец Родни Алкала од Калифорнија, САД.

- Што се однесува на луѓето околу мене тие секако се еден вид на инспирација. Ги доживувам како потенцијални карактери во моите драми. Така што секој човек којшто го запознавам е потенцијал лик или лик инспириран од таа личност во моето дело, ќе рече Миа Николоска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG