Достапни линкови

Масовното убиство во Младеновац е тероризам, изјави Вучиќ, дел од ранетите се опоравуваат


Илустрација, полиција на местото на настанот
Илустрација, полиција на местото на настанот

Директорот на српската клиничка болница соопшти дека дел од ранетите се опоравуваат, но едно девојче е се уште во критична состојба. За последниот напад во Младеновац, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е терористички чин.

Дел од ранетите во двата одделни напади во Србија се пуштени на домашно лекување, додека другите се задржани во болница за опоравување, соопштија здравствените власти денеска ( на 6 мај).

Директорот на Клиничкиот центар во Белград Милика Ашанин изјави на 6 мај дека двајца од ранетите ученици во вооружен напад во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ се добро, како и четворица пациенти кои беа ранети во вториот напад кај Младеновац.

Како што пренесува агенцијата Бета, Ашанин за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека од седумте пациенти кои дошле од Младеновац и Смедерево, тројца се сосема добро, како и уште еден пациент кој во петокот бил пренесен од болницата во Смедерево и имал неколку интервенции.

РТС наведува дека девојчето кое беше тешко повредено во училиштето и кое беше сместено на Детската клиника во Тиршова се уште е во тешка и критична состојба, додека двете повредени момчиња кои беа сместени таму во петокот се пуштени дома.

Во средата 13-годишен ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби осум ученици и еден работник од обезбедувањето во тоа училиште, а повреди уште шест ученици и еден наставник. Во селата кај Младеновац, 21-годишен маж во петокот уби осум лица, а повреди 14.

Вучиќ - Нападот кај Младеновац е терористички чин

Терористички чин. Вака српскиот претседател Александар Вучиќ го нарече масовното убиство кое се случи на 4 мај во околината на Младеновац, кај Белград.

„Вчерашниот напад беше терористички напад, акт во кој нашите специјални антитерористички единици имаа задача да уапсат или неутрализираат терорист. Негативецот е уапсен и повеќе нема да ја види светлината на денот. Нема да излезе од затвор. Толку многу семејства ги обвитка во црно,“ рече на 5 мај Вучиќ во вонредното обраќање до јавноста.

Тој изрази сочувство во негово име и во име на членовите на Владата на Србија за масовното убиство во кое беа убиени 8 лица, а ранети 14.

„Соединети сме во болката и тагата“, рече српскиот претседател.

Претходно српската полиција го уапси осомничниот за нападот во близината Според соопштението на Министерството за внатрешни работи по опсежна потера, уапсен е осомничениот кој е идентификуван како У.Б.

МВР соопшти дека осомничениот бил уапсен во близина на Крагуевац во централна Србија. Престрелката се случила доцна вечерта на 4 мај во селата Дубона, Мало Орашје и Шепшин кај Младеновац.

Од полицијата соопштија дека сите повредени се згрижени во болници.

„Полицијата продолжува со понатамошната работа за расветлување на сите околности на овој настан“, се додава во соопштението од МВР.

Уапсен напаѓачот кој уби 8 луѓе, а 14 рани, кај Младеновац, Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

Сведочења на локалните жители

Слободан Николиќ, жител на селото Дубона, за РСЕ изјави дека слушнал рафали од огнено оружје од неговата куќа.

„Одеднаш се слушна рафал. Првиот беше долг, сигурно испукал 25 куршуми. Вториот беше една минута подоцна, а потоа и третиот. После тоа, автомобилот слезе (по улицата). Некој викна: „Повикај полиција, момчето лежи мртов“, раскажува Николиќ.

Звонко Младеновиќ вели дека ги слушнал истрелите, но дека не знаел што се случило додека утрото не го вклучил телевизорот.

"Кога излегов, беше катастрофа. Ги знаев жртвите, тоа беа мали деца, кога слушнав се шокирав. Прво децата во Белград, сега еве, што да кажам. Јас сум без зборови", вели Младеновиќ за РСЕ.

Престрелката во Младеновац се случи еден ден по повеќекратното убиство во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ кај Врачар, во кое 13-годишник уби девет, а рани седум ученици и вработени. Убиени се осум ученици и еден чувар, а ранети се шест ученици и професори.

Од Институтот за трансфузија на крв во Србија за РСЕ велат дека Министерството за здравство испратило апел до граѓаните да даруваат крв и дека веќе има десет граѓани кои се јавиле.

Претседателот Вучиќ најави нови мерки како вработување на 1 200 училишни полицајци.

„Имаме 331 училиште во Белград, а во нив ќе седат 331 училишен полицаец“, рече тој.

Додаде дека МВР ќе преземе мерки за обезбедување мораториум за поседување оружје.

„Се наложува Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки и сите лица кои нелегално поседуваат оружје да го предадат во рок од еден месец. Во превод – сите луѓе што имаат оружје, не зборувам за ловечко оружје – а тоа се околу 400 000 луѓе во Србија, ќе подлежат на ревизија. Ќе извршиме целосно разоружување на Србија“, рече Вучиќ.

Вучиќ истака дека дури и предложил на премиерката Ана Брнабиќ и на Владата смртната казна да се врати во законодавството. Сепак додаде дека предлогот не бил прифатен од премиерката и членовите на Владата.

Србија ја укина смртната казна пред две децении. Укинувањето на смртната казна е исто така обврска што Европската унија ја постави пред земјите кандидати за членство.

Изрази на сочувство и поддршка од европските официјални претставници

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, му порача на народот на Србија дека ЕУ стои до нив и ја споделува нивната болка.

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји им изрази сочувство на семејствата и им посака брзо закрепнување на повредените.

Европратеникот и известувач за Србија во Европскиот парламент, Владимир Билчик, напиша дека неговите мисли се со семејствата на жртвите и со народот на Србија.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, во својата реакција на Твитер напиша дека е шокирана од уште едно масовно пукање во Србија.

„Моите мисли се со жртвите, нивните семејства и властите во Србија“, напиша таа.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жофре, упати сочувство и изрази поддршка.

„ЕУ е со Србија во овие тешки моменти. Знамето на ЕУ е на половина копје во овие денови на жалост“, напиша Жофре на Твитер.

Во Србија е прогласена тридневна жалост. Знамињата се спуштени на половина копје, а сите активности започнуваат со минута молчење. Ден на жалост е и во соседна Босна и Херцеговина. Потврдено е дека 13-годишниот напаѓач, кој е уапсен на лице место, го користел оружјето на неговиот татко.

XS
SM
MD
LG