Француската полиција употреби солзавец на денешните судири со демонстрантите во Париз, Лион и Нант откако дел од нив искршија излози на продавници и банки. Поради судирите, во Париз се приведени 30 лица. Денешниот Првомајскиот марш е продолжение на масовните демонстрации кои изминатиов период ја зафатија цела Франција по одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.
Синдикатите оценија дека ова е најголем протест за 1 Мај досега во Франција. Организаторите ја гледаат пензиската реформа како закана за правата на работниците, додека Макрон тврди дека тоа е економски неопходно бидејќи населението старее.
Поголемиот дел од демонстрантите маршираа мирно, но група од екстремисти започнаа со кршење на прозорци на банки и продавници, по што полицијата приведе над 30 демонстранти во Париз и ги останатите со солзавец во Лион. Француската полиција беше критикувана и поради користење дронови за снимање на протестите во понеделникот во некои градови.
Имено, реформата што Макрон ја спроведува во пензискиот систем од нејзината најава, па до сега предизвика бран социјални немири во земјата.
Популарноста на Макрон падна на речиси рекордно ниско ниво. Во изминативе неколку месеци на протести и штрајкови излегоа работници од повеќе сектори низ повеќе градови во Франција поради подигнувањето на старосната граница за пензионирање за две години, односно од 62 на 64 години.
Макрон на 15 април го потпиша законот откако Уставниот суд ја одобри реформата.
Од почетокот на неговиот мандат ова е втор пат како Французите изразуваат незадоволство со масовни протести од неговите реформи. Претходно во 2018 година Франција беше зафатена од масовни протести познати како „Жолти елеци“ кои почнаа како револт против даноците за бензин, и силно ја потресоа администрацијата на претседателот Макрон.
Пензиската реформа го искристализира гневот против претседателот кој многумина во Франција го сметаат за рамнодушен кон нивните секојдневни тешкотии, пишува новинската агенција Ројтерс.
Синдикатите се надеваат дека на првомајскиот протест повеќе од милион луѓе ќе маршираат низ градовите во Франција
„Овој 1 мај ќе биде пресвртница“, рече Софи Бинет, лидер на левичарскиот синдикат CGT.
Лоран Бергер, шеф на реформскиот синдикат CFDT, рече дека владата на Макрон е глува на барањата на едно од најмоќните општествени движења во последните децении. И покрај тоа, тој во неделата рече дека не треба да бидат прекинати разговорите со Владата.
Само во Париз се очекуваат 100.000 демонстранти за 1 Мај. Властите пакочекуваат вкупно од 500.000 до 650.000 учесници на вкупно повеќе од 300 најавени протести низ земјата во понеделник и се готват да одговорат на евентуални немири.
Беспилотните летала се очекуваа да бидат употребени за прв пат во Париз и во другите поголеми градови за следење на протестите. Во последните години редовно од 100 000 и 160 000 луѓе на национално ниво излегуваа на првомајските собири низ Франција.
Макрон вели дека реформата е потребна за да опстои еден од најдарежливите пензиски системи во западниот свет.
Француските пензиии се повисоки во однос на другите земји кои се дел од Организацијата за економска соработка. Дополнително француските граѓани поминуваат и повеќе време во пензија за разлика од граѓаните на соседните земји.
Според синдикатите, парите за пензискиот фонд може да се најдат и од друго место.
Владата на Макрон нема мнозинство во парламентот и пензиската реформа не е конечно изгласана.
Француската политичката опозиција пак ја го комплицира остатокот од реформска агенда на Макрон, какао на пример нацрт-законот за вработување со кој ќе се бара од оние кои примаат минимална социјална помош да работат или да се обучуваат 15-20 часа неделно.
Светски познатата агенција „Фич“ во петокот го намали суверениот кредитен рејтинг на Франција за еден степен на „АА-“, велејќи дека потенцијалниот политички ќор-сокак и социјалните немири претставуваат ризици за агендата на Макрон.