Под мотото #ВелоградВоКонтејнер утре, последна среда во месецот ќе се вози 82-та Критична маса во Скопје. Организаторите „НаТочак“ информираа дека возењето е реакција на новопоставените контејнери на пешачки и велосипедски патеки.
„Наместо да се почитуваат правилници за поставување урбана опрема и да се прават нови, подобрени, тие ја тупнуваат урбаната опрема на велосипедски и пешачки патеки, пред пешачки премини итн... Ќе возиме низ центарот на градот, по булевари кои треба да им служат и на пешаците и на велосипедистите, не само на оние кои се во моторни возила. Ќе застанеме на бул. Партизански Одреди пред еден од новите контејнери за да направиме кратка акција и ќе завршиме пред бараките на Град Скопје за да ги потсетиме дека потребни се планови и анализи пред да се направи било каква набавка, посебно пред набавка на производи кои се поставуваат низ целиот град и претставуваат пречка на голем дел од неговото население“, соопштија од „НаТочак“.
Рутата ќе започна од Плоштад Македонија во 17:30 часот.