По цели четири децении на сцените на просторот на некогашната заедничка држава, по војните и делбите, ѕидањата нови мостови, нови културни и творечки ракувања... егзилот како принуден начин на живеење, славниот босански и екс југословенски актер и писател Зијах А. Соколовиќ, со својот класичен проект „Глумецот...е глумец...е глумец“, еве го и во Струмица. Во градот во кој во септември 2016 година ја освои наградата за најдобар актер на Интернационалниот фестивал за монодрама „Ристо Шишков“, за улогата во претставата „Мечка“ работена по текст на големиот Антон Чехов. А, по нешто повеќе од половина декада Соколовиќ повторно ќе допатува на југот од Македонија за да проследи од гледалиштето како тоа неговиот помлад колега Коста Ангов ја исправил на нозе, ја доживеал, низ себе ја поминал монодрамата „Глумецот...е глумец...е глумец“. Истата онаа за која авторот ќе напише: Осудени да ја објаснуваат мистеријата на својот живот, луѓето го измислиле театарот. Јас сум измислица. Прогонети од рајот земен, го направиле овој привремен и вештачки рај можеби во очекување на идниот рај. Тоа е најсовршениот, најоригиналниот од сите нивни пронајдоци и оној што најмногу зачудува. Тоа е, можеби, единствениот пронајдок на луѓето сé што Бог им има оставено, проколнувајќи ги.
Премиерата ќе биде утревечер, на 15 јуни, во Народниот театар „Антон Панов“, а станува збор за четвртиот проект, за четвртата претстава во независна продукција на Здружението за култура „Транзен“ од Струмица која доаѓа не многу по успешните „Кротка“, „Каин“ и „Викторија“.
А, во своето обраќање до публиката и културната јавност во пресрет на премиерата Ангов ќе забележи дека „Глумецот... е глумец... е глумец“ е траги-комична драма за еден актер кој не се откажува од својот повик до крај да го одглуми својот живот, својата животна улога и покрај сите проблеми и пречки на патот на таа реализација. „Тоа е како исповед, како крик на еден уметник кој привремено е исфрлен од сцената, од светлото на театарскиот рефлектор. Вистински предизвик за актерот кој го земал подвигот да ја одглуми драмата на Зијах А. Соколовиќ“ пишува тој.
Од друга страна, говорејќи за потребата кај себе да се зафати со денес веќе класичниот текст на доајенот Зијах Соколовиќ, Коста Ангов вели дека едноставно „бил импресиониран од фактот што текстот е напишан од актер кој меѓу другото на чудесен начин ги обединува сите проблеми и стравови ...од оваа заразно-убава професија“.
Овој текст првпат го прочитав пред осум години и веднаш ме освои со својот лесен и едноставен јазик искористен да се искажат многу комплексни емоции, ставови, душевни состојби на едно БИТИЕ, на еден ЧОВЕК, на еден АКТЕР (или како што го преведовме за нашата претстава ...на еден ГЛУМЕЦ). Уште повеќе ме импресионираше фактот што истиот е напишан од актер, кој на свој чудесен начин ги обединува сите проблеми, стравови, дилеми и трагикомични ситуации кои може да ги доживее еден човек кој се бави со оваа тешка и заразно-убава професија. Тоа е доајенот на босанското и југословенско кино и театар, Зијах А. Соколовиќ. Актер, кој својата претстава ја игра повеќе од 40 години и има преку 1600 изведби, ќе рече актерот и режисер на проектот.
Говорејќи за него тој истакнува дека притоа ги имал трите суштински елементи за еден театарски чин: Актер, Приказна и Гледач.
Оваа монодрама се состои, исклучиво и само од трите суштински елементи неопходни за постоењето на еден театарски чин, а тоа се: Актер, Приказна и Гледач. Ништо повеќе. Значи, Неговото Величество Гледачот е многу важен учесник во креирањето на оваа претстава, и тоа на многу директен и посреден начин. Тој е активно вклучен во претставата која што е дојден да ја гледа. Тој донесува одлуки дали, што и колку ќе гледа додека трае претставата. Со гласање. Демократија на дело и во живо. Овде и сега, смета Ангов.
Уметникот притоа заклучува дека „Целиот свет е сцена и сите ние сме (само) Aктери“.
Театарот е жива уметност. Таква е заради присуството на актерите на сцената, но и заради присуството на гледачот во 12-от ред. Денеска театарскиот гледач е сведен на нем набљудувач, седнат во темното гледалиште, кој иако, на друг начин, преку размена на енергии комуницира со актерите на сцената, сепак, сметам дека му недостига активно и директно вклучување во претставата, активна комуникација со актерот, нешто што не може да се доживее кога се гледа филм. Во оваа претстава актерот му седнува на гледачот во скут, и како метафора, а зошто да не и буквално, и заедно двајцата учествуваат во креирањето на театарскиот чин. Целиот свет е сцена и сите ние сме (само) Aктери, ќе рече Коста Ангов.
Роден на 10 јули 1979 година во Струмица, Коста Ангов дипломирал на Факултет за драмски уметности „Неофит Рилски“ во Благоевград, соседна Република Бугарија.
Цела една деценија, од 2003 до 2013, бил хонорарно ангажиран и потем редовно вработен како актер во Народниот театар „Антон Панов“ во родниот град.
Дебитирал во „Плејстејшн“ на Јани Бојаџи, потем играл во „Селата на Потемкин“ на Бранко Ставрев... и досега зад себе има триесеттина театарски претстави на матичната сцена и соработки со театарски дејци како Владо Цветановски, Дејан Пројковски, Горан Тренчовски, Владлен Александров, Нико Горшиќ, Срѓан Јанаќиевиќ, Наташа Поплавска, Дејан Дамјановски, Васил Михаил, Синиша Ефтимов, Драгана Таневска, Коле Ангеловски ... и други.
Во 2011 година завршил Курс за театарски ментор во Школата за театар Гечо, во Билбао, Шпанија, две години подоцна веќе почнал да им ги пренесува стекнатите знаења на младите посетители на Летната школа за театар во родниот град, а во 2019 година за ликот на Наполеон во претставата „Животинска фарма“, работена по Џорџ Орвел, во режија на Љупчо Георгиевски, ја добива наградата за најдобра улога на НЕТА и театарскиот фестивал во Враца, Република Бугарија.