Достапни линкови

Чудооо, чудооо ни се случува!


Илустрација - Ковид-19
Илустрација - Ковид-19

Корона математика, добрососедска бламажа и здодевни политичари - вие коментирате на нашите социјални мрежи.

Во време на пандемија на корона еден наш посетител на ФБ страницата се занимава со математика. Петровски Виктор, имено ,пресметал дека од јуни, вели, „во просек се тестираат по 1000, 153 дена, милион и пол тестирани“ и така натаму и така натаму. Но, потпишан со Бриксол Биксоли веднаш го демантира: „153 дена по 1000 тестирања, тоа ти е 153.000 тестирани, малку си утка со математиката, до милион има уште, уште. И не е 153 дена, туку само 22 дена се тестираат по 1000“,па го потсетува дека „другите денови, од почеток, имало по 200-300 тестови, не бламирајте“.

И другите граѓани кои постирале очигледно не веруваат и во високите бројки на новозаболени од Ковид-19 последнава недела-две, па Калеша Македонска како да се потсмева: „Едно време за брис се чекаа со недели, сеа ного спретни станате, по илјадници тестови на ден, чудоооо, чудооо ни се случува“. И кампањата „Носам маска“ на Владата и на Министерството за здравство со цел поддршка на Комисијата за заразни болести, некои посетители на ФБ страницата на РСЕ ја дочекуваат со негативни и иронични коментари. Изет Бафтијар напишал: „Со суво газе риба не се фаќа, од каде пари за маски“. По информацијата за постот и фотографијата на премиерот Зоран Заев со маска, инаку има 4 Смешковци со смеење, 2 со лути фаци и само 3 кренати палци - лајкови како поддршка.

За постот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, кој напишал дека премиерот Зоран Заев ги задолжил граѓаните 2 милијарди евра и прашува дали се сеќаваат барем на еден проект за подобар живот на сите, инаку истиот ден кога министерот за економија, Крешник Бектеши објави дека откако ќе биде усвоен ребалансот на буџетот, за кој е во тек расправата во Собранието, ќе почне реализација на мерките за финансиска поддршка од четвртиот сет мерки донесени од Владата, има прилично многу негативни реакции: Зоки Бошков иронично вели: „Тамам кога ќе дојдете на власт да ги враќате, како позната домаќинска партија“. Илија Ѓорески прашува: „Кога тој ќе одговара за голема кражба?“ А Славчо Малиновски коментира: „Доста бе со тие задолжувања и пари, само пари ти се во мозокот, само криминалот, криминалот, задолжени, задолжени, па парата мора да се врти, а ти напрај нешто појако ако си маж за да го срушиш, а не само парите па парите“. Ацо Ацка му препорачува на Мицкоски да оди на внатрепартиски избори, да победи и да писне за предвремени избори и да победи. Па додава: „Прави влада и владеј. На цела држава си досаден“.


Интервјуто на бугарската министерка за надворешни, Захариева, за Ројтерс, која покрај другото им препорачува на Македонците „ако ги препознаат корените на нивната нација и јазик ова ќе заврши“, е втората по ред тема што собрала најмногу коментари на нашата ФБ страница. Разбирливо, негативни. Анна Јакимова постирала: „Наша работа е што сакаме да бидеме и доста со условувања“. Сашо Ѓуроски ѝ порачува на Захариева: „... Со дрско мешање и со изјави против сѐ што е македонско, не сте свесни колку станувате омразени, одбивни, туѓи...“ Драган Марковски ја прашува: „За кои бугарски корени??? За оние за кои Бугарската академија на науките пред 44 години напиша во научен труд за турко-татарско потекло на Бугарите???“ А Николина Тудор потсетува: „Во Енциклопедија Британика убаво е напишано и објаснето. Нема потреба со фашизоидни ликови да се расправа на која било тема. За греота биле и за греота ќе си останат“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG