Достапни линкови

И спорот со Бугарија во извештајот на „Амнести интернешанал“ за Македонија во 2022


Илустрација
Илустрација

Во 2023 година се одбележуваат 75 години од Универзалната декларација за човековите права. Да не чекаме светот повторно да гори за вистински да живееме според слободите и принципите кои дојдоа по цена на милиони животи, наведува Амнести во извештајот за човекови права во 2022 година

Меѓуетничките тензии влошени со говорот на омраза, Законот за заштита на жените од насилство не беше целосно спроведен, Ромите се подложени на сегрегација во образованието, припадници на ЛГБТИ заедницата се соочуваа со физички напади... Ова се само дел од нотираните состојби во Македонија во извештајот на Амнести интернешанал за 2022 година. Во овој годишен извештај се и најновата пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, состојбата со мигрантите и бегалците, семејното насилство, деградацијата на животната средина, слободата на медиумите, прашањето на исчезнатите во конфликтот во 2001, како и македонско-бугарскиот спор.

„Бугарија продолжи да се противи на пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ), тврдејќи дека нејзината историја, културен идентитет и јазик се бугарски. Решението предложено од Франција вклучуваше признавање на бугарското малцинство во Уставот за прв пат. Ова беше дочекано со големи јавни протести во јули и политичка опозиција. Во септември, Европската комисија иницираше процес на проверка за евентуално членство во ЕУ“, се наведува во годишниот извештај на Амнести.

Во секторите каде се третира состојбата со туртурата, малтретирањето и насилството врз жените и девојките посебно се истакнати случаите на првиот државен службеник кој издржува затворска казна за малтретирање и случајот на Пале Илоска, која го уби својот сопруг во самоодбрана.

„Во мај, на повторното судење, полицаец со иницијали Г.П. беше осуден на една година затвор – првиот службеник кој издржува затворска казна за малтретирање. Сведок го снимил Г.П. во 2020 година како го клоца Невзат Јашаров, Ром, додека тој лежел на земја. Две жени биле убиени од член на семејството. Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство од 2021 година сè уште не беше целосно имплементиран. Властите не ги усвоија релевантните подзаконски акти, буџети и процедури, а полицијата честопати не сакаше да дејствува. Во февруари, по негодувањето од женските невладини организации, обвинението за убиство од небрежност против Пале Иловска беше сменето во самоодбрана. Таа го избодела нејзиниот сопруг полицаец во септември 2021 година додека тој ја удирал со тупаници, клоци и се обидел да ја задави. Соседите и семејството сведочеа дека постојано го пријавиле неговото насилство во полиција, која не реагирала“, стои во извештајот на Амнести интернешанал.

Организацијата го нотира и новиот кривичен законик, предложен во јули 2022, кој вклучува одредби за заштита на правата на новинарите, вклучително и зголемена казна за напад врз нив или убиство, и ги обврза властите да покренат гонење. Во делот Право на живот - организацијата го издвојува отворањето на постапка против двајца управители на болницата во тетово и еден лекар, обвинети за смрт на 12 пациенти и двајца нивни роднини за време на пожарот во тетовската модуларна болница.

Извештајот е поопширен во делот на правата на ЛГБТИ заедницата и дискриминацијата на Ромите.

„Во март (2022), немајќи парламентарна поддршка, владата нагло го повлече нацрт-законот за признавање на полот поддржан од НВО од 2021 година, кој предвидуваше транс-луѓето законски да го променат својот родов идентитет преку поедноставена нотарска постапка. Се предвидуваше преработен закон за 2023 година. Во мај, Беким Асани, директор на НВО ЛГБТ Јунајтед, со седиште во Тетово, беше вербално малтретиран од четворица мажи додека седел со својата мајка на гробот на неговиот татко, при што бил и нападант од еден од нив. Тој беше двапати нападнат во август, за што еден сторителот беше осуден на шест месеци затвор, а другиот случај остана во процес“, наведуваат од Амнести интернејшанал.

За деградацијата на животната средина, Амнести го наведува извештајот на невладината организација Бенквоч, заснован на мониторингот во 2021 година кој ги документираше негативните здравствени влијанија врз локалното население на емисиите од битолската електрана со лигнит, отворените рудници и местата за депонирање на пепел.

Емисиите на прашина и сулфур диоксид редовно ги надминуваат законските граници и упатствата на СЗО, наведуваат од Амнести и додаваат дека за намалување на штетните емисии, Владата не презела никакви мерки.

„Да не чекаме светот пак да гори...“

2022 година беше пресвртница за меѓународниот поредок. Но, немаше пресвртница на фронтот за човекови права. Со руската агресија (врз Украина) продолжи да се дестабилизира веќе со децении ослабениот меѓународен мултилатерален систем. Војната во Украина пренасочи ресурси и внимание подалеку од климатската криза, од други долгогодишни конфликти и од човечко страдање низ целиот свет.

Во 2023 година се одбележуваат 75 години од Универзалната декларација за човековите права. Да не чекаме светот повторно да гори за вистински да живееме според слободите и принципите кои дојдоа по цена на милиони животи, наведува Амнести во извештајот.

XS
SM
MD
LG