Достапни линкови

И скопскиот аеродром цел на хибридни напади, информиран е НАТО


Фотографии од евакуацијата на два хотела и аеродромот во Скопје 16.12.2022
Фотографии од евакуацијата на два хотела и аеродромот во Скопје 16.12.2022

Повеќе објекти беа евакуирани по дојава за наводно поставена бомба, меѓу кои и скопскиот аеродром. Шефот на дипломатијата, Османи информираше дека НАТО е известен за проблемот со лажните дојави, а премиерот Ковачевски повтори дека се работи за хибридна војна која го опфаќа целиот регион.

Одложени летови, конференции, вознемирени купувачи и спортисти, ученици повторно испратени дома е епилогот од денешните дојави за наводно поставени бомби. Иако неколку часа по дојавата, полицијата утврди дека нема бомба, сепак целосно беше запрен сообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје, а персоналот и сите патници евакуирани, додека единици на МВР ги правеа проверките.

За првпат вакви дојави денеска стигнаа во спортската сала „Борис Трајковски“, Фудбалската федерација на Македонија, во хотелите Мериот и Александар Палас, каде беше одложена годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, на која требаше да учествуваат премиерот Димитар Ковачевски и министрите Крешник Бектеши и Фатмир Бесими.

По трет пат од дојава за поставена бомба беше евакуиран трговскиот центар Ист гејт, а дојави за првпат стигнаа и во пет битолски, како и десет скопски училишта, главно во општина Аеродром. За прв пат дојава за лажна бомба имаше и во една скопска градинка во населбата Бутел. По околу три часа беа завршени проверките и полицијата соопшти дека сите дојави биле лажни.

Османи: Вчера комунициравме со структурите на НАТО

Скоро два месеци од почетокот на дојавите за бомби, министерот за надворешни работи Бујар Османи, изјави дека ги информирале структурите на НАТО за дојавите за бомби

„Вчера комунициравме со структурите на НАТО, да видиме каков хибриден пристап кон регионот може да се случи, која може да биде причината“, рече Османи , во изјава за ТВ 21.

Премиерот Ковачевски пак, денеска дополни дека МВР во координација со нашите стратешки партнери, се справуваат со проблемот. Тој ја исклучи можноста дека зад заканите стои некој хакер или малолетник и повтори дека се работи за хибридна војна, во време на руската инвазија во Украина. Според Ковачевски, буквално истиот образец на однесување, го има и во соседните земји.

„Кога е организирано со ваков интензитет, со толку широк опфат, со таргетирање на места, институции , објекти и градови со голем број на жители, каде што се повторува патерн на пораки коишто се исти во повеќе држави, а се исти, тогаш може да се постави претпоставка дека се работи за хибридна војна“, вели премиерот.

Од она што е досега познато, МВР работи да открие кој стои зад бомбите, но засега без речиси никаков успех. Единствено беше најден виновникот кој испратил ваков мејл на 4 ноември, до 4 скопски средни училишта. Се работи за малолетник од Скопје кој признал дека мејловите ги испратил од домашниот компјутер, преку сметка на мајка му, а бил инспириран од претходните вакви дојави, кои почнаа од 26 октомври.

Прво беа испраќани во попладневните часови на мејловите на неколку скопски средни училишта. Во периодот меѓу 16 ноември и 1 декември целосно замреа, за потоа прво да се рашират на училишта во Крива Паланка и Кавадарци, а потоа и на стратешки објекти како Железницата, МНР или Народна банка, но и на трговски центри, институции и приватни домови.

А кога заканите се потценуваат, и не се пронајдени виновниците кои ги испраќаат мејловите за наводно поставени бомби, очекувањето е дека тие ќе ескалираат, како во денешниот случај. Барем тоа е ставот на професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност, кој ги предвиде ваквите настани уште минатата недела, кога дојавите за првпат се проширија објекти како Транспортниот центар и трговските центри во Скопје.

„Дефинитивно ќе мора ова да се сфати многу сериозно, и да се аплицираат севкупните средства, поточно да се обединат силите и знаењата на сите фактори во Македонија кои имаат познавање од сајбер просторот, начинот на кој тој се користи, модалитетите како може да се примаат, да се испраќаат пораки и тоа е оној првиот чекор кој што треба да го направиме. Не е доволно само да се каже дека овие закани доаѓаат од странство“, вели професорот кој дополнува дека иако е тешко да се пронајде, сепак секогаш има кога се извршуваат вакви дела.

Директен линк

Макеоднија не е исклучок во регионот кога се работи за ваквите дојави. Ако кај нас дојавите почнаа на крајот на октомври, но уште од март годинава, српски, хрватски, босански и црногорски полицајци секојдневно беа на терен поради дојави за поставени бомби, кои потврдуваа дека се лажни.

Инаку Македонија како членка на НАТО има обврска да ги подготви институциите и да ја зголеми отпорноста на хибридните закани, за што лани беше донесена и Национална стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани. Сепак, поради сложеноста на овој тип на закани, експертите се децидни дека безбедносните структури треба координирано да реагираат за да ги превенираат овие појави.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG