Достапни линкови

Зошто е приведен Бојко Борисов?


Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов синоќа беше одведен во полиција каде што е задржан,17.03.2022
Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов синоќа беше одведен во полиција каде што е задржан,17.03.2022

Ден по приведувањето на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, неговата партија ГЕРБ во Софија протестира, а претставници на актуелната влада откриваат дека можна причина за апсењето е поврзана со обвинетиот бугарски бизнисмен Васил Божков.

Премиерот на Бугарија Кирил Петков и вицепремиерот Асен Василев денеска ги поддржаа синоќешните акции на Министерството за внатрешни работи во кои беше приведен поранешниот премиер Бојко Борисов и поранешни негови владини соработници. Василев рече дека според него овие акции се поврзани со сигналот од обвинетиот бизнисмен Васил Божков за изнуда, како и за предизвиканата штета врз буџетот од половина милијарда лева поврзана со оданочувањето на коцкарскиот бизнис на Божков.

Во моментов се водат истраги во Европското обвинителство, изјави премиерот Кирил Петков во видео порака објавена во петок на Фејсбук страницата на владата. Тој повтори дека акцијата на МВР покажува дека никој не е над законот.

Адвокатот на Борисов, Менко Менков вели дека поранешниот премиер не е обвинет, туку е приведен во рамките на таканаречени „итни дејствија“, кои предвидуваат дека полицијата мора да го извести обвинителството што сторила во рок од 24 часа од нејзиното постапување. Обвинителството,пак, се уште не е информирано од министерството. Протоколите за постапувањето на полицијата треба да му бидат предадени на обвинител, кој во рок од 72 часа ќе одлучи дали ќе побара притвор.

Премиерот Петков рече дека во наредните денови ќе се види каде е бугарското обвинителство и дали „конечно ќе застане на страната на бугарскиот народ“.

„Мојата улога е да им дадам целосна слобода на сите тела да постапуваат во согласност со нивните законски овластувања. Никој не треба да се плаши од вистината. „Само без страв од недопирливите Бугарија може навистина да се промени“, рече Петков.

Во четвртокот вечерта, Министерството за внатрешни работи го уапси поранешниот премиер и актуелен лидер на ГЕРБ Борисов и негови поранешни владини соработници кои се задржани во зградата на Националната полиција. Борисов беше приведен во неговиот дом во Софија, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Што е „случајот Божков“?

Васил Божков, кој го споменува бугарскиот вицепремиер Василев, се збогати преку коцкарскиот бизнис. Тој во неколку наврати поткупил владини службеници, вклучувајќи го и поранешниот претседател на сега укинатата Државна комисија за коцкање, соопшти Министерството за финансии на Бугарија лани, а откако Соединетите Американски Држави го ставија на нивната листа на санкции поради корупција. Бизнисменот, според истрагата на бугарските обвинители, му плаќал на поранешниот претседател на Државната комисија по 6.200 американски долари на ден за да им ги одземе лиценците за коцкање на неговите конкуренти.

Божков, во друг случај, е обвинет и за давање пари на поранешен бугарски функционер за да му помогне „да создаде канал за да можат руските политички лидери да влијаат врз бугарските владини службеници“.

Бугарското обвинителство во друга истрага ја испитуваше и поврзаноста на Божков со поранешниот премиер Борисов, но одлучи да не отвори предмет. Потоа Министерството за внатрешни работи отвори своја истрага врз основа на преставка на бугарското антикорупциско граѓанско движење Боец во која се наведуваше и дека има пријави од Божков дека им платил рекет на Борисов и на поранешниот министер за финансии Владислав Горанов во износ од 20 отсто од добивката на неговиот лотариски бизнис.

Како се поврзува Божков со Борисов?

Во таа насока, движењето Боец го постави прашањето дали има совпаѓање меѓу сериските броеви на парите кои се видоа на фотографии од спалната соба на Борисов и вкупно повлечените 60 милиони лева од Божков, за кои тој тврди дека му ги предал на поранешниот премиер користејќи ја како посредник неговата портпаролка Севделина Арнаудова и Горанов. И двајцата се приведени во четвртокот заедно со Борисов.

Бугарскиот бизнисмен Васил Божков кој е под санкции на САД поради корупција
Бугарскиот бизнисмен Васил Божков кој е под санкции на САД поради корупција

Вицепремиерот Василев денеска на новинарите во бугарското собрание им рече дека акцијата е поврзана со сигнали од Божков и од Државната финансиска инспекција од минатото лето за 556 милиони лева буџетски дефицити поради непостапување на Комисијата за коцкање, подредена на министерот за финансии Владислав Горанов.

Против Божков се поднесени вкупно 19 обвиненија, а тој се крие во Дубаи. Инаку постапките на МВР се случија истиот ден кога министерот за внатрешни работи Бојко Рашков се сретна со европската главна обвинителка Лаура Ковеши. Таа беше во посета на Бугарија на покана на премиерот Кирил Петков. Од нејзините разговори во Софија стана јасно дека европското обвинителство почнало да работи на над 120 сигнали за злоупотреба во Бугарија.

Сервисот на бугарски јазик на Радио Слободна Европа побара став од Европското јавно обвинителство за овој случај, а од таму само кусо одговорија „нема коментар“.

Протести на ГЕРБ, бараат предвремени избори

Пратеници, поранешни министри и поддржувачи на ГЕРБ со партиски знамиња се собраа во петокот претпладне пред зградата на бугарската влада, додека истовремено опозицијата го повика Националното собрание на предвремени избори, обвинувајќи ја власта за „репресија“.

„Пратеничката група на ГЕРБ од денеска секој ден ќе работи со сите легални средства за да предизвика предвремени парламентарни избори, кои се последна можност за нормализирање на политичката ситуација и излез од ќорсокакот во кој не донесе актуелната власт во Бугарија“, се вели во соопштението кое од собраниската говорница го прочита заменик-претседателот на ГЕРБ, Даниел Митов.

Софија- Членови и поддржувачи на ГЕРБ протестираат пред зградата на Владата во одбрана на лидерот на партијата Бојко Борисов, 18.03.2022
Софија- Членови и поддржувачи на ГЕРБ протестираат пред зградата на Владата во одбрана на лидерот на партијата Бојко Борисов, 18.03.2022

Борисов беше премиер на Бугарија во неколку наврати. Тој првпат застана на таа позиција во 2009 и владееше до 2013 година, а потоа од 2014 до 2021 година. По неможноста да се формира политичка влада во Бугарија, поради сложените изборни резултати, со земјата владееше техничка влада. Петков од партијата “Продолжуваме со промената“ стана премиер лани во декември

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG