Достапни линкови

Земјотресот во Турција ja отежнува позиција на Ердоган на изборите


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во разговор со преживеаните од земјотресот, 08.02.2023.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во разговор со преживеаните од земјотресот, 08.02.2023.

Најсмртоносниот земјотрес во Турција во една генерација му донесе на претседателот Реџеп Таип Ердоган огромен предизвик за спасување и реконструкција што ќе ги засени претстојните избори во мај кои може да бидат најтешките од неговите две децении на власт.

Еден ден откако се случи земјотресот, во кој загинаа илјадници луѓе во Турција, опозициските партии и некои жители во најтешко погодените области се пожалија дека властите се бавни или недоволно опремени да реагираат на катастрофата.

Секоја перцепција дека владата не успева правилно да се справи со трагедијата или дека не спровела соодветни градежни правила во земја подложна на земјотреси, може да им наштети на изгледите на Ердоган на изборите.

СЗО: Можно е 23 милиони луѓе да бидат погодени од земјотресите во Турција и Сирија

Но, аналитичарите велат дека претседателот, вешт борец чија влада се справува со земјотреси, шумски пожари и други природни катастрофи откако дојде на власт во 2003 година, може да собере национална поддршка околу одговорот на кризата и да ја зајакне својата позиција.

Говорејќи само неколку часа по земјотресот во понеделникот, кој тој го опиша како најлошиот што ја погодил Турција во повеќе од 80 години, Ердоган рече дека илјадници спасувачи веќе се мобилизирани и дека нема да бидат поштедени напори во суровите зимски услови.

Тој при посетата на еден од погодените региони потоа призна дека имало извесни пропусти во првичните напори за справување со последиците од земјотресот.

Граѓаните донираат топла облека, спасувачките тимови тргнаа за Турција

Владата прогласи „аларм на ниво 4“, повикувајќи меѓународна помош и прогласувајќи тримесечна вонредна состојба во најпогодените провинции.

„Ердоган реагираше брзо и кохерентно на кризата“, соопшти консултантската куќа „Евразија груп“, наведувајќи „тоа веројатно ќе го разубави неговиот силен лидерски имиџ пред изборите на 14 мај - ако владата може да го задржи својот ран моментум“.

Црн лебед

Трошоците за реконструкција веројатно ќе достигнат многу милијарди долари, оптоварувајќи ја економијата веќе погодена од инфлација од 58%.

Штетите во регионот во кој живеат 13 милиони луѓе се очекува да го спречи економскиот раст оваа година, велат економистите.

Обемот на штетата, низ стотици километри и кој ќе погоди милиони луѓе и нивните домови, „целосно ќе ги ресетира“ економијата и политиката на Турција, вели Атила Јесилада од Global Source Partners.

Опишувајќи го земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала како „црн лебед“, појава толку непредвидлива или неверојатна што може да има екстремни последици, тој рече дека сè уште не е јасно дали би можеле да се одржат избори дури и во најтешко погодените региони.

Политичките противници на Ердоган не побрзаа да направат политички капитал веднаш по земјотресот, бидејќи луѓето остануваат заробени под зградите, а бројот на жртвите се зголемува.

Шестпартиската опозиција соопшти само дека владата треба да работи „без дискриминација“ за справување со катастрофата што ги погоди регионите, вклучувајќи ги курдските заедници и сириските бегалци.

Но, Угур Појраз, генерален секретар на централно-десничарската националистичка партија ИЈИ, изјави дека ги обиколил сериозно погодените области и од вторникот наутро не видел спасувачки работници.

ОН: ова е најсилниот земјотрес во Турција од 1939 година

„Дефинитивно нема професионална координација за помош“, изјави тој за Ројтерс. Граѓаните и локалните екипи сами се приклучуваат на спасувачките операции за да ги спасат луѓето во урнатините.

Властите велат дека повеќе од 12.000 лица за пребарување и спасување и уште 9.000 војници се во акција.

„На тесни избори, одговорот на владата на вонредната состојба може да ги поколеба клучните гласачи, иако веројатно нема да ги поколеба посветените поддржувачи на која било страна“, вели Хаснаин Малик, експерт од Дубаи.

„Одговорот на владата на Ердоган на оваа природна катастрофа може да го обликува ставот на неопределениот гласач, но лојалноста на повеќето гласачи е веќе одредена“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG