По добиените податоци од НАТО, во најмалку три наврати, изминативе години биле пресретнати терористички напади во подготвителните фази кои се одвивале надвор од нашата територија, рече во новогодишното обраќање во Собранието, претседателот Стево Пендаровски. За терористичките закани од странство за прв пат јавноста дозна од шефот на државата, но тој на барање на РСЕ не откри детали, ниту во кои држави се подготвувале, ниту кои биле целите во земјава.
Пендаровски пред пратениците порача дека Алијансата, чија членка е земјава од март 2020 година, активно помага во делот на хибридни закани и на заканите од тероризам, пред сѐ поврзани со повратниците од војните на Блискиот исток, а како факт ги наведе спречените напади.
Кога овие напади биле пресретнати и која била нивната цел, од кабинетот на претседателот и Врховен командант не одговорија, туку само ни испратија кус коментар за тоа што всушност сакал Пендаровски да постигне со неговата изјава.
„Со оглед на чувствителноста на прашањата, претседателот Пендаровски намерно не даде повеќе детали во годишното обраќање, но сакаше да потенцира кои се придобивките од членството во Алијансата иако некои од нив не се видливи за пошироката јавност“, велат од неговиот кабинет за РСЕ.
Уште пооскудни на зборови беа од НАТО.
„Ве упатуваме до властите на Северна Македонија за каков било коментар“, велат од НАТО за РСЕ.
Зошто Северна Македонија била на мапата за извршување на терористички напади информации не добивме од Министерството за одбрана од каде не упатија за објаснување во кабинетот на претседатеолот, ниту безбедносните служби, Агенцијата за разузнавање и од Агенцијата за национална безбедност.
Пет македонски државјани се борат во Сирија
Некои податоци не се споделуваат со јавноста за да не се создава паника и недоверба, посебно кога се работи за безбедноста на граѓаните, вели националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски.
Во моментов во земјава, според него, има од седумдесет до осумдесет повратници од странските боишта, а пет македонски државјани се уште се во кризното подрачје во Сирија.
„Странските терористички борци, односно повратници, не се само национална закана за Северна Македонија, туку претставуваат и регионална и глобална закана. Но, според досегашните податоци со кои ние располагаме, нема висок ризик на закана во Северна Македонија од повратниците. Значи од скалата на 1 до 5, заканата е 2“, вели Апостолски.
Последните големи анти-терористички акции во земјава беа спроведени во два наврати, во август и декември во 2020 година кога во Скопје и во Куманово беа уапсени 11 македонски државјани. Се работеше за членови на иста организација, основана на идеолошките основи на Исламска држава. Целта на уапсените, како што тогаш сооопшти Министерството за внатрешни работи била „убиства и уништување јавни објекти заради внесување страв кај граѓаните“.
Последните достапни судски податоци покажуваат дека 30 луѓе се осудени на казна затвор, која според последните измени на кривичниот законик се движи од 6 до 9 години. Со претходниот закон дел од осудените за учество во странски паравоени формации излегоа од затвор за околу 2 години.
Македонската влада во 2018 донесе Национална стратегија за борба против тероризмот како и Националниот план за реинтрегација, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и нивните семејства.
„Целта на стратегијата е да се стекне доверба дека патот на радикализацијата и екстремизмот не е единствениот пат и дека државата сака да понуди алтернативи“, додава Апостолски.
Црна листа на борци во Сирија
За прв пат годинава Владата отиде и чекор понапред кога објави листа со имиња на 15 македонски државјани кои се финансиски казнети бидејќи учествувале во паравоени формации во Сирија и Исламската Држава. Со тоа им забранува користење, трансфер или друг вид на располагање со имот, како и забрана за воспоставување или продолжување на деловен однос.
Објавувањето на листата е дел од исполнувањето на обврските и критериуми кои произлегуваат од меѓународните конвенции и спроведување на системот за рестриктивни мерки, објаснува професорот од факултетот за безбедност Злате Димовски.
„Тоа би значело едноставно следење или евентуално оневозможување на понатамошни финансиски добивки од странство што би резултирало со евентуално прекинување на нивните активности или евентуално прекинување на тие средства што ги добиваат таму доколку се идентификувани и се наоѓаат на боиштата, и едноставно да не можат да ги префрлуваат тие средства во нашата државата. Што значи целта е да ги попречиме или да ги оневозможиме во нивните основни мотиви тие пари да легнат на нивните сметки или да го користат во кеш“, изјави Димовски.
Во последниот извештај на Европол, објавен во јули годинава, е наведено дека опасноста од тероризам во Европската унија останува висока и покрај намалениот број на напади. Опасноста, според извештајот, првенствено доаѓа од поединечни сторители со џихадистичко потекло и од екстремно десничарски екстремисти. Во 2021 година, истражителите во земјите на ЕУ, како што се наведува, регистрирале 15 терористички напади, вклучувајќи неуспешни и спречени обиди, а биле уапсени 388 осомничени.