„Мојот син не сакаше да оди во Украина“, изјави мајка на руски војник од регионот Бурјатија во близина на Бајкалското Езеро, која сакаше да остане анонимна. „Потпиша воен договор затоа што нашето семејство е во долгови, а неговата свршеница е на породилно отсуство со три месечно бебе иако најавија дека вежбите ќе траат само 10 дена“, додава таа.
Со недели Русија концентрира војници и воена опрема околу границите на Украина и во окупираниот украински регион Крим. На 13 февруари, САД ја зголемија својата проценка за бројот на руски војници во областа од 100.000 на 130.000.
Според последните информации на руското Министерство за одбрана, дел од војниците во руските воени области во соседството на Украина се враќале во своите бази по завршувањето на вежбите.
Руската новинска агенција Интерфакс го цитираше Министерството според кое, иако големите вежби продолжуваат низ целата земја, некои единици во јужниот и западниот воен округ ги завршиле своите вежби и почнале да се враќаат во базата, објави Ројтерс.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус рече дека Британија треба да види целосно повлекување на руските трупи од границата со Украина за да верува дека Москва нема планови за инвазија.
Москва тврди дека ништо не се случува и оти Русија само спроведува легитимни воени вежби, како во соседна Белорусија, така и во Црното и Азовското море и оти „Руската Федерација не врши никаква невообичаена воена активност на нејзина територија“.
„Не е вежбање“
Таква не е проценката на Руслан Левиев, основачот на невладиниот Тим за разузнавање конфликти (CIT), кој ги следи информациите од отворен код за движењата на руската војска „Ова дефинитивно не е вежба. Има многу факти кои се во спротивност со таа идеја“, изјави Левиев за РСЕ.
Дигитално разоткривање на руските војници во близина на Украина
Тој забележува дека најголемиот дел од руските сили во Белорусија, кои далеку ги надминуваат бројките испратени за претходните вежби, како што се заедничките вежби Запад-2021 одржани во септември лани, не се лоцирани во областите одредени за маневрите што сега формално се одржуваат, туку се концентрирани долж границата на Белорусија со Украина.
„Овој регион не е во распоредот за вежбите, но таму се поставени некои прилично импресивни сили. Тоа не е само некаков теренски камп за преместување на војниците на полигоните за стрелање. Не, ова е камп со офанзивна опрема“, вели тој.
CIT, исто така, прими бројни извештаи од руски војници и нивни роднини кои го потврдуваат она што го кажала мајката од Бурјатија - дека војниците биле информирани оти ќе бидат далеку од нивните матични бази најмалку два месеца. На некои, наводно, им било кажано дека ќе отсуствуваат дури девет месеци.
„Вежбите треба да траат само 10 дена. Дури и минималните временски периоди за кои им беше кажано на војниците не се совпаѓаат со официјалните датуми на вежбите“, смета Левиев за тековните вежби, кои треба да завршат на 20 февруари.
Блинкен – Заканата од руска инвазија врз Украина е доволно блиска
Во коментар за Вашингтон пост на 11 февруари, воениот аналитичар Мајкл Кофман, наведе дека Русија испратила многу опрема во Белорусија што вообичаено не се испраќа за такви вежби, вклучително и за понтонско префрлање единици и опрема за „високо ниво на електронско војување“. „Тоа е невообичаено“, заклучи тој.
Левиев додава дека трупањето руски сили во регионите на Русија во непосредна близина на украинската граница исто така е тешко да се објасни со најавените вежби.
„Ги гледаме во регионите Брјанск, Курск и Ростов и на територијата на анектираниот регион Крим. На сите овие локации има војници и опрема, иако вежбите се одржуваат во Белорусија“, рече тој.
„Сè е на свое место“
Во минатата недела руското Министерство за одбрана издаде соопштение за печатот во кое се вели дека единиците од западниот и јужниот воен округ се враќаат во своите бази по непланираната вежба за готовност.
Столтенберг предупреди на „ризик“ од вооружен конфликт во Европа
Левиев тврди дека оваа вежба не е директно поврзана со натрупаноста околу Украина.
CIT проценува дека „речиси 70 насто од воената моќ на Русија“ е вклучена во неодамнешното засилување. „Ова е без преседан. Никогаш не сме го виделе досега“, изјави Левиев за РСЕ.
Во декември, некои аналитичари тврдеа дека се чини оти нема да има голем напад, бидејќи Русија не ги мобилизираше воздушните сили што тие очекуваа да ги видат како предводница на офанзивата.
Дополнително, рекоа тие, доколку Москва планира голем напад, ќе ги мобилизира медицинските единици и теренските болници. И двете мобилизации, рече Левиев, се одржаа во почетокот на годината.
„Сѐ е на свое место. Сѐ што ви треба за да започнете војна сега е на границата“, додава тој, забележувајќи:
„Ова не значи дека војната е неизбежна. Можно е Кремљ „едноставно сака да создаде можна ситуација дека се подготвува инвазија, така што другите навистина ќе веруваат дека таа доаѓа. Сепак, самото тоа што тие ги придвижуваат силите до самата граница создава експлозивна ситуација. Секој безначаен инцидент може да ги преврти сите нивни планови и да има војна. Затоа е невозможно да се предвиди нешто“, заклучува за РСЕ Руслан Левиев.