За што друго на Фејсбук ако не за аферата „Рекет“. По објавувањето нови снимки во онлајн италијанскиот весник Лаверита за овој случај, на Твитер се огласи еврокомесарот Хан со препорака борбата против корупцијата на високо ниво да продолжи, Јоне Симоновски со ироничен коментар: „Демек, досега водеа борба та сега да продолжи... Или мислеше досега крадеа, па продолжете да си крадете... ЛИЦЕМЕР“. Азем Асановски кратко: „Мајтап игра со нас“, а Сашо Ивановски со резигниран пост: „За таква борба кај нас фалат елитни единици, нема кој да ја води. Овде ситуацијата е: ’Еден фаќаш, а двајца од фатените ти побегнуваат‘. Овде веќе и предметите се искорумпирани, а не пак луѓето...“
По информацијата дека во италијанските снимки се спомнува и премиерот Заев, Жаклина Спасовска со следниов коментар: „Доста веќе продававте магла. Ако имате конкретни докази, аудио или какви било снимки пуштете ги и да видиме кој што конкретно направил. Ова другово асоцира дека Боки и Камчев намерно спомнуваат имиња на луѓе колку да се чујат. Може да се сфати и како местенка. Затоа, дајте конкретни докази како што беа доказите за ВМРО кога се слушаа дијалози на конкретни луѓе за да се реши оваа мистерија за кого и за чии интереси навистина работел Боки?!“ Боби Магероски ѝ одговара: „Имаш снимка од Заев како бара мито ама нејзе не ја верувавте и сега барате снимка, па јас не знам...“
За Соња Пановска е срамно што цела Влада се однесува неодговорно и заминала на одмор, „наместо да седнат и да го расчистат овој голем срамен проблем, зашто цел свет ни се смее, па и опозицијата не е поарна, си прават сеир. Да ги прашам дали им е важно са бањаат или да се расчисти криминалот. Има една поговорка: Село гори баба се чешла“. Миле Јовчески постирал: „Исти сте сите, и ДПМНЕ и вие од СДС го допревте дното, немој да мислиш дека некој ви верува“ – ја коментира изјавата на портпаролот на СДСМ за тоа дека снимката докажува дека премиерот Заев не е вмешан во аферата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека „’Рекет‘ е само камче од системот на криминал и корупција“, а Ане Ане Јовановска се чуди: „Оф, најде кој да зборува. За 11 години ја опустошија цела држава“. Потпишан со Лабинот Дибрани со пост: „Сите сте исти, само во Дивиот запад викан Македонија можат да се случуваат овие глупости, срамота за народот за кого гласале“, а потпишан со Адвокат коментира: „Во суштина, ние граѓаните го плаќаме цехот. Срам да ви е, СДС и ДПМНЕ, нè испокрадовте“. Изјавата на премиерот Заев дека отфрла каква и да е вмешаност во „Рекет“, Горан Макаронов ја коментира вака: „Со нелегални разговори дојдовте на власт. На сличен начин и ќе си одите. Кој како прави така му се враќа. Само што народот ќе ги запамти Заев и СДСМ по голема корупција и криминал“, а Венера Македонска постирала: „Човек од збор, што кажа излажа“.
И повторно критика за професионалната обврска на РСЕ. Кирил Силјаноски потсетува: „Само пренесувате изјави кога се работи за ЗЗ, ама ви пишав, за вакви работи паѓа Влада, тоа треба да напишете, инаку џабе ви е името Слободна!“