Достапни линкови

Битолчани ненаспани по серијата земјотреси ја чекаат проценката на штетите


Распукани фасади во Битола по серијата земјотреси
Распукани фасади во Битола по серијата земјотреси

Битола со денови ја тресат серија земјотреси од пограничното епицентрално подрачје кај Лерин, Северна Грција, на оддалеченост до 30 километри. Нaјсилниот земјотрес се случи вечерта на 9 јануари со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер, а по него следуваа десетици други со послаб интензитет.

Според експерти од Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, ова беше најсилниот земјотрес во последните 120 години во Битолскиот расед, а професор Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола, пак, направи анализа дека ослободената енергија е еквивалентна на 2.700 тони експлозив. Серијата земјотреси што се случуваат и преку ден и ноќ видно ги вознемируваат битолчани.

„Земјотресите не изморија. Не сме спиени. Навечер пијам апче за смирување. И пак ќе не разбуди од спиење потрес. Трчаме по пижами по скали, децата в раце боси. Во два саати по дваесет и повеќе земјотреси. Ова веќе не се издржува“, вели граѓанка на Битола.

Кај младите главна тема на разговор се земјотресите. Некои се многу исплашени, а некои не обрнуваат толку внимание.

„Многу сме исплашени. По цели ноќи не спиеме, излегуваме надвор, а надвор е студено, има снег. Внатре се треси мебелот, спиеме по тренерки не ставаме пижами во случај да не треба во ноќно време да излеземе надвор“, коментираат млади битолчани.

Земјотресите предизвикаа материјални штети врз објектите. Има испукани тавани, ѕидови, изронети фасади на згради и куќи, како и оштетувања врз објектот на болницата, училишта, градинки, манастири. Големи оштетувања претрпе манастирот „Свети Ѓорги“ во пограничното битолско село Велушина.

„Камбанаријата е распукана и не е во функција. Дел од фреските се паднати и тоа е најжално, таванот е распукан , подот, треба експерти да направат проценка“, рече отец Горан Петковски.

Последици од земјотресот во Битола
Последици од земјотресот во Битола

Проценка на штетите ќе прави нова градска комисија

Советот во кој владејачкото мнозинство сега го предводи ВМРО-ДПМНЕ, ден по земјотресот на итна седница ги разреши досегашните членови од Комисијата за проценки на штети поставени за време на СДСМ и назначи нови. Тие ќе вршат проценка на штетите.

Градоначалникот Тони Коњановски со обраќање до битолчани: „Во оваа прилика ги повикуваме битолчани кои имаат штети да ги пријават во Општина Битола“.

Средства за отштета ќе бидат најверојатно обезбедени преку ребаланс на буџетот, но ќе се побара и помош од Владата со цел санацијата на објектите да биде што побрза.

„Ќе побараме и самата Влада да излезе во пресрет на Битола. Имаме институции оштетени, индивидуални живеалишта и објекти под заштита. Сметам дека за нивна реконструкција ќе треба да се предвидат повеќе средства. Знаеме дека тоа се стари објекти чија санација можно е да чини повеќе“, рече Габриела Илиевска, претседател на Советот на општината.

Инаку, последниот земјотрес со локална Рихтерова магнитуда од 4,5 степени регистрираше Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје вчера во 16.14 часот. Епицентарот на земјотресот е во пограничното подрачје Битола – Лерин, на 120 километри јужно од Скопје.

Ова тресење ,освен вознемиреност кај населението, земјотресите не предизвикаа поголеми материјални штети.

Пред два дена во близина на македонско-грчката граница меѓу Битола и Лерин беше регистриран земјотрес со интензитет од 5,3 степени според Рихтерoвата скала.

Друг голем земјотрес Битола имаше доживеано во 1994 година со магнитуда од 5,2 степени и епицентар на Пелистер. Тогаш потресот беше подолг и нанесе поголеми материјални штети. И тогаш Битола се тресеше со недели поради пропратни афтершокови.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG