Достапни линкови

Балканската рута пред нов бран бегалци од Авганистан?


Авганистанци на границата со Пакистан, 16.08.2021.
Авганистанци на границата со Пакистан, 16.08.2021.

Активистите за човекови права во Србија и Босна и Херцеговина се подготвуваат да примат и да им помогнат на бегалците што се очекува да пристигнат од Авганистан откако Талибанците ја презедоа контролата врз земјата. Душан Комарчевиќ.

Некои организации во Србија, кои им пружаат помош на луѓето што ги напуштија своите домови и се упатија кон Западна Европа, велат дека вратите на нивните простории се отворени за нови бегалци.

„Нашата љубов, мисли и молитви се со жените и девојките од Авганистан. Ако веќе сте на пат кон Европа, нашиот центар е отворен за вас во Белград", порача Инфо парк, организација од Белград која обезбедува помош за бегалците и мигрантите.

Приведени шест луѓе за криумчарење мигранти

Гордан Пауновиќ од таа невладина организација за Радио Слободна Европа вели дека не е реално да се очекува дека ќе се повтори размерот на бегалскиот бран од 2015 година, кога дневно во земјата влегувале помеѓу 3.000 и 10.000 луѓе. Сепак, тој додава дека е очекувано настаните во Авганистан да имаат последици врз протокот на мигранти во Србија.

„Мигрантите кои се појавија во Србија во првите шест месеци најчесто го наведуваат стравот од Талибанците како мотив за напуштање на земјата. Повеќето од нив доаѓаат од територии каде што Талибанците веќе воспоставиле контрола“, вели Пауновиќ.

Доколку дојде до значително зголемување на бројот на луѓе што пристигнуваат, Пауновиќ смета дека ќе биде неопходно да се промени системот. „Ќе треба да се ангажираат поголем број невладини организации и државни капацитети, како што беше случај помеѓу 2016 и 2018 година“, вели тој.

Комесаријатот за бегалци и раселени лица на Србија засега не гледа зголемување на бројот на бегалците од Авганистан во центрите за прием и азил. Светлана Палиќ, портпаролка на Комесаријатот за РСЕ вели:

„Ситуацијата е потполно иста како и во последните две години. Мигрантите од Авганистан редовно доаѓаат и си одат. Тие се во суштина најбројната група мигранти во нашите центри“.

Податоците на Комесаријатот покажуваат дека во минатата година низ центрите во Србија поминале околу 22.000 луѓе од Авганистан, а оваа година досега се регистрирани околу 8.500 авганистански бегалци.

Шпанските војници им помагаат на луѓето да се качат на Ербас А400М на аеродромот во Кабул, 18 август 2021 година
Шпанските војници им помагаат на луѓето да се качат на Ербас А400М на аеродромот во Кабул, 18 август 2021 година

Во моментов, околу 3.900 мигранти и бегалци се сместени во 14 прифатни центри и баратели на азил во Србија, вели Палиќ и потсетува дека Србија има вкупно 20 центри, но дека некои се привремено затворени.

„Капацитетите на кои може да се смета во Србија се околу 6.000 места, а за време на ситуацијата со коронавирусот, покажавме дека дури и за само 48 часа, тој капацитет може да се зголеми на 9.000 места“, рече Палиќ.

Загрижени за своите семејства

Арман Хан (27) ја напушти провинцијата Пактија во источен Авганистан пред три месеци. Тој пристигна во Србија на почетокот на оваа недела. Новинарите на РСЕ го најдоа во паркот во близина на главната автобуска станица во Белград.

Повлекувањето на „Фронтекс“ ги препушти мигрантите во „рацете“ на Унгарија

Тој вели дека бил професионален војник во својата татковина и затоа бил ставен на црната листа од Талибанците. Откако американските воени сили се повлекоа од Авганистан, Арман вели дека е крајно загрижен поради тоа што неговото семејство ќе остане таму.

„Имам три деца и се плашам за моето семејство, моите деца. Не знам каде се сега во Авганистан“, вели тој, додавајќи: „Цело време е полициски час, луѓето воопшто не ги напуштаат своите куќи, многу семејства сакаат да одат од провинцијата, но луѓето немаат пари, тие се многу сиромашни и мора да останат“, вели тој.

Арман се надева дека ќе успее да стигне до Западна Европа и таму да го чека своето семејство од Авганистан.

Долгорочни планови за управување со миграцијата

Радош Ѓуровиќ од белградската невладина организација Центар за заштита и помош на барателите на азил вели дека е тешко да се процени дали ситуацијата во Авганистан ќе предизвика поголем бран бегалци, но и дека е сигурно дека тамошните настани ќе се одразат врз ситуација на Балканот. Тој додава дека приливот на луѓе, кој е директно предизвикан од најновите настани во Авганистан, сѐ уште не е забележлив во Србија.

Најголемите стравови на Западен Балкан

„Очекуваме кризата во Авганистан да влијае врз засилување на миграциската рута низ Балканот, но дека нема да биде како што беше во 2015 година“, вели Ѓуровиќ. Тој смета дека е јасно оти Европската унија работи за да го забави или спречи повторувањето на претходната бегалска криза. Во такви околности, Ѓуровиќ очекува Србија да биде земја во која бегалците ќе останат долго време.

„Србија е последната земја на патот пред еврозоната и со тоа земја низ која сите бегалци мора на крајот да поминат“, додаде тој. Ѓуровиќ, исто така, оценува дека позицијата на Србија не е благодарна, бидејќи секојдневно се соочува со присилно враќање на бегалците од околните земји - Хрватска, Унгарија и Романија.

И покрај бројните извештаи од меѓународните организации, властите на тие земји го негираат лошиот третман кон бегалците.

жЃуровиќ, исто така, оценува дека Србија треба да развие долгорочни планови за управување со миграцијата, во рамките на кои ќе се зголемат капацитетите за сместување и ќе се иницира механизам за привремена заштита.

„Повеќето луѓе што доаѓаат кај нас воопшто не се видливи за системот. Можеби некој е сместен во кампот, некој не, но дури и оние кои се сместени во кампот не се во системот. Тие се невидливи. Замислете колку се изложени овие луѓе на криумчарење, криминал, насилство“, објаснува Ѓуровиќ.

Балканската рута и натаму привлечна за мигрантите

Според податоците на Центарот за заштита и помош на барателите на азил, повеќе од 27.000 луѓе влегле во Србија во првите шест месеци од 2021 година. Од таа бројка, нешто повеќе од 600 луѓе изразија намера да побараат азил.

„Тоа не е реално и покажува дека системот не функционира. Многу е тешко за еден бегалец во Србија да започне постапка за азил. Речиси е невозможно да се започне без професионална правна помош“, смета тој.

Полициски акции за спроведување бегалци во кампови

Министерството за внатрешни работи Србија во последните месеци редовно патролира по улиците на Белград и другите градови, посетувајќи места каде се собираат мигранти и бегалци кои живеат на улица. Откако ќе ги пронајдат припадниците на полицијата ги носат во прифатните центри.

Бегалци и мигранти во селото Мајдан во северна Србија, во близина на границата со Романија. 11 август 2021 година, Мајдан.
Бегалци и мигранти во селото Мајдан во северна Србија, во близина на границата со Романија. 11 август 2021 година, Мајдан.

Меѓутоа, овие полициски акции во Србија го привлекоа вниманието на активистите за човекови права, кои предупредуваат на кршење на човековите права.

Тие постојано предупредуваат и на тоа дека граничната полиција на Унгарија и Хрватска насилно ги враќа мигрантите преку нивните граници.

Грција не сака да биде порта кон Европа за мигранти од Авганистан

Левенте Маѓар, државен секретар во унгарското Министерство за надворешни работи, изјави на 16 август дека земјата нема да прифати бегалци од Авганистан „без некакви ограничувања“.

Повеќе од 60 земји потпишаа заедничка изјава во која се вели дека на Авганистанците треба да им биде дозволено да ја напуштат земјата, ако тие го сакаат тоа. Во Европската унија, само Унгарија и Бугарија не ја потпишаа изјавата.

Поголем број бегалци се очекува во БиХ

Во БиХ не се очекува прекумерен прилив на бегалци од Авганистан, но може да се очекува мало зголемување на нивното присуство на „балканската рута“, изјави за РСЕ, Слободан Ујиќ, директор на Службата за надворешни работи на БиХ.

„Очекуваме бројот да биде поголем. Граѓаните на Авганистан се меѓу првите три земји чии граѓани се појавија на таа рута. Имаме целосна контрола на илегалната миграција и имаме доволно број места во центрите за прием“, вели Ујиќ.

Иако ситуацијата со мигрантите е под контрола оние што ќе влезат во БиХ од Авганистан, по најновите настани, ќе имаат, според Ујиќ, поинаков третман. „Никој не може да каже колку луѓе ќе го напуштат Авганистан и колку ќе бидат на оваа рута. Не ќе се работи за илегални и економски мигранти, кои сега се тука. Ќе се работи за бегалци и раселени лица од области зафатени од војна и државата ќе даде одговор на тоа“, проценува тој.

Од друга страна, Ниџара Ахметашевиќ, новинарка која со години ја следи ситуацијата со мигрантите на „балканската рута“, смета дека нема разлика помеѓу Авганистанците присутни во БиХ денес и оние што би дошле во евентуалниот нов бран.

„Авганистанците се околу нас со години и тие се истите луѓе кои избегаа од истите проблеми. Сега би можеле да дојдат нивните пријатели, роднини. Не знам каква е разликата“, вели таа, наведувајќи дека земјите на оваа рута треба да направат нешто за сите тие луѓе, а не да имаат привилегиран статус за некои, особено бидејќи, како што вели, границите на Европската унија се затворени.

Во вторникот, комесарот за економија на Европската унија, Паоло Џентилони, во интервју за италијанскиот весник „Ил Месаџеро“ рече дека Европа мора да воспостави хуманитарни коридори со цел да прифати бегалци од Авганистан, но и да избегне неконтролирана миграција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG