Европската унија и Соединетите држави ги повикаа албанските партии да избегнуваат насилство за време на локалните избори во шеесетина општини.
Претходно, претседателот Илир Мета се обиде да ги запре изборите, бидејќи кандидатите од владејачката Социјалистичка партија немаа противкандидати во половината од општините.
Премиерот Еди Рама оцени дека станува збор за „победа за европска Албанија“.
Според него, изборите ја истераа „заканувачката сенка на национална анксиозност, човечка несигурност, социјални превирања и институционален хаос“.
„Ова е повеќе од историска лекција што Албанија ќе ја даде со вистинско гласање кое е тајно. Верувам дека овој ден потврди еднаш за секогаш дека никој не може да се игра со луѓето. Народниот суверенитет не е празен збор“.
Лидерот на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша, рече дека многу малиот одѕив значи оти „фарсата е отфрлена со епски потсмев“ и најави наскоро промени во земјата.
Според Централната изборна комисија, на гласањето излегоа околу 21,6 насто од граѓаните со право на глас.
Имајќи ги предвид предупредувањата од Запад, Баша ги повика своите поддржувачи да не станат жртви на насилство.
Наместо тоа, тие ги попречуваа изборите со свирење музика по улиците и во гласачките центри, па дури и иронично извикувајќи го името на починатиот диктатор Енвер Хоџа.
Социјалистите немаа кандидати во 31 општина. Во 24 други тие се соочија со кандидати на новоформираната група од Демократската партија.
Главните опозициски партии го бојкотираат парламентот од средината на февруари, обвинувајќи ја владата на Рама за корупција и поврзаност со организираниот криминал, како и за купување гласови.
Затоа опозицијата бара оставка на Рама и предвремени парламентарни избори. Но, тој одбива да го стори тоа.
Европската унија, која наесен треба да реши дали да започне разговори за пристап, ги предупреди политичарите во земјата дека нивните расправии би можеле да го запрат патот на членството на Албанија во ЕУ.