Достапни линкови

Задолжување, наместо трансфер на власта


Наместо мирен трансфер на власта, техничката влада си зема за право да го контролира целиот економски живот во Македонија, велат аналитичарите. Тие посочуваат дека техничка влада со нови задолжувања и трошење пари го зауздува домашниот сектор.

Политичката криза не го успорува темпото на задолжување на техничката влада. Додека се очекувааат политичките решенија во Собранието, државата се задолжи за нови 88 милиони евра, колку што изнесуваше доспеаниот долг. Економските аналитичари посочуваат дека не треба техничката влада чиj мандат е само одржување на избори да се занимава со нови набавки и задолжувања, бидејќи состојбата со долгот веќе навлегува во црвената зона. Економистот Висар Адеми смета дека последното задолжување не е ништо поразлично од тендерот за нов Клинички центар.

„Во ситуацијава техничка влада треба да спроведе избори и да овозможи мирен трансфер на власта, таа си зема за право да го регулира целиот економски живот во Македонија, со тоа што се задолжува, објавува тендери, троши пари, нешто што е обврска на новата Влада. Тоа апсолутно не е во ред, ова што сега се прави, но тоа покажува колку институциите се фрагилни, и колку партијата која до сега беше на власт ги поседува институциите“ вели Адеми.

Тој вели дека со пречекорувањето на црвената зона со јавниот долг, новата Влада ќе треба да го забави темпото на трошење на пари и да го ослободи приватниот сектор кој во изминативе две години поради политичката криза не произведува свежи пари.

„Во политичка криза најмногу што трпат се домашните компании, и ако при тоа се надоврзе дека домашниот сектор ептен е приврзан со јавниот сектор и со централната власт преку тендери и јавни набавки, тогаш ситуацијата на домашниот сектор не е многу розева, објаснува Адеми.

Од СДСМ велат дека во Буџетот има доволно средства за исплата на тековните обврски на државата за што потврда има од надежното министерство.

„Неконтролираното темпо на задолжување на граѓаните што досегашната власт го правеше нетранспарентно и за непродуктивни трошења го издигна јавниот долг на историски највиско ниво од 50,1% од БДП. Итно е потребно да се одблокираат демократските процеси и да се формира новата реформска Влада на граѓаните којашто транспарентно и одговорно ќе раководи со јавните финансии што е интерес на сите граѓани на Македонија, се вели во нивната писмена реакција за задолжувањето. На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека „државниот долг и аукциите на државни хартии од вредност станаа редовна пропагандна алатка на СДСМ“.

„СДСМ очигледно соочени со незадоволството на народот од нивното прифаќање на Тиранската Платформа, се обидуваат на секој начин да отвораат теми само да не се зборува за нивното партиципирање во Тиранска Влада. Секогаш кога сакаат нешто да стават под тепих и да ја дефокусираат јавноста од политичките случувања, тие плетат заговори за „грчко сценарио“ и банкрот. Иронијата да биде поголема, пред два дена кредитната агенција Стандард и Пурс во својот извештај наведе дека долгот на државата е низок.

Од министерството за финансии со соопштение посочија дека водат одговорна политика на управување со јавниот долг, која не е и не може да биде предмет на дневно-политички манипулации.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG