Достапни линкови

Дежаву со долгот на државата кон стопанството


Илустрација
Илустрација

Бизнисмените се жалат дека државата им должи стотици милиони евра, владата демантира. Ситуацијата потсетува на 2012 кога, по поплаките на бизнисмените, владата прво негираше дека должи, а потоа најави раздолжување.

Долгот на државата кон стопанството повторно ја бранува јавноста, откако дел од бизнисмените се пожалија дека владата им должи многу пари. Економскиот консултант Горан Рафајловски минатата недела, на манифестацијата за 95 години од формирањето на Стопанската комора на Македонија, рече дека државата треба да се задолжи за околу една милијарда евра за владата, општините и јавните претпријатија да се раздолжат со фирмите и да останат пари за развој. Министерот за финансии Кирил Миноски веднаш потоа демантира дека владата му должи на стопанството, а со изјава излезе и Сојузот на стопански комори дека владата нема долг кон нивните членки.

Неколку дена подоцна Рафајловски вели дека судејќи според вознемиреноста што ја предизвикала неговата изјава, долгот е веројатно и поголем од тоа што тој мислел. Вели дека прецизни бројки за долгот нема, зашто никој не ги кажува, но според состојбата, се работи за долг од неколку стотини милиони евра.

„Сè што имаме во трезор е исплатено. Јака работа. А сè што е потпишано, а нестасано во трезор или неприфатено, а сè што се јавни претпријатија што не влегуваат како такви? Прецизни бројки нема никој, бидејќи тие не сакаат да ги кажат и не ги даваат, ама согласно комплетната ситуација на јавни претпријатија коишто должат, имате судски извршни решенија кои не се извршени со години, по пет, по десет години. Имате општини кои се задолжени преку глава, исто му должат на стопанството. Кому должат? Еден куп други јавни претпријатија. Јас кажав дека севкупниот долг во Република Македонија е толку, ако не и повеќе.“

РСЕ: Една милијарда?

„Па не знам, сега да не се фаќаме за бројки. Јас реков да се позајми една милијарда, да се расчисти и да остане нешто да тргнеме напред.“

РСЕ: Значи зборуваме за стотини милиони евра?

„Да, да, да“, вели Рафајловски.

Министерот Миноски претходно изјави дека владата нема долг кон стопанството.

„Сите доспеани обврски во трезорот на Министерството за финансии благовремено се реализираат. Сметаме дека овие изјави се тенденциозни“, рече тој.

Рафајловски вели дека е неопходно да се донесат развојни планови за краток, среден и долг рок и секоја влада да се држи до тие планови. Тој смета дека стопанството треба да добие потпретседателско место во владата, кој на неделна основа би се среќавал со претставниците на бизнисот. Не е важно дали тој би имал право на глас, но преку него стопанството секогаш ќе знае што се случува и на каде оди Македонија, вели тој.

На почетокот на 2012 година бизнисмените исто така, прво срамежливо, а потоа сè погласно почнаа да се жалат дека владата им должи околу 200 милиони евра за поврат на ДДВ и за извршени услуги. Владата прво демантираше дека должи, па потоа дека е тешко да се утврди колкав е долгот зашто се менува на дневна основа, па потоа дека не се работи за висока сума, за во септември 2012 година тогашниот премиер Никола Груевски да најави раздолжување кон стопанството. Во март наредната година објави дека владата целосно се раздолжила со бизнисот и оти му вратила 92 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG