Достапни линкови

Хан - Брзо формирајте влада и не си играјте со оган


Еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн на средба со раководството на СДСМ
Еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн на средба со раководството на СДСМ

Во заедничкото соопштение по средбите, еврокомесарот и европските пратеници особено ги повикуваат сите да се воздржат од акции и изјави кои што би можеле да ги разгорат меѓуетничките тензии и да ги поткопаат добрите меѓусоседски односи. Никој не смее да си игра со оган, порачаа европските дипломати.

Претседателот итно да ја преиспита својата позиција. Нема време за губење. Ние сега очекувавме сите политички лидери и институции да дозволат демократските процеси да се одвиваат по својот тек - во интерес на граѓаните на земјата. Ова се наведува во заедничкото соопштение од еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници пратено по средбите со партиските лидери денеска во Скопје.

Тие пишуваат и дека одложувањата во последните месеци веќе и наштетија на економијата на земјата и дека поради тоа повикуват на брзо формирање нова влада посветена на спроведување на заостанатите реформи.

„Особено ги повикуваме сите да се воздржат од акции и изјави кои што би можеле да ги разгорат меѓуетничките тензии и да ги поткопаат добрите меѓусоседски односи. Никој не смее да си игра со оган. Слободата на здружување и слободата на изразување се фундаментални права во демократските општества, но тие доаѓаат и со обврски. Во таа насока, негативната реторика чија цел е меѓународната заедница и граѓанските организации е целосно контрапродуктивна“, се наведува во соопштението.

Како заклучок, во следните денови, наведуваат европските политичари, сакаме да видиме сериозно и одговорно државничко однесување на релевантните институции и да се овозможи брзо формирање на нова и цврста коалиција.

За ВМРО-ДПМНЕ има две решенија

Соопштението е објавено кратко време по завршувањето на последната нивна средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Состанокот траеше околу три часа, а по него членот на извршниот комитет на партијата, Антонио Милошоски рече дека отворено разговарале за можните ризици ако некој се обидува одредени национални теми во државата да ги решава со сила, наместо со аргументи, без разлика дали се работи за меѓуетнички или меѓусоседски прашања. На гостите им посочиле дека според нив има две можни решенија.

„Првото решение е Заев, доколку сака да формира влада, истата да не биде програмски уценувана од платформски реформи од други држави, јавно да се откаже и да ги отфрли туѓите платформи и во тој случај ќе може со една малцинска влада да се посвети на проекти коишто граѓаните ги гласале на изборите. Иако СДСМ ги изгуби изборите, граѓаните гласале за тие проекти. Второто решение е организирање на заеднички парламентарни и локални избори кои би се случиле во следните неколку месеци“, рече Милошоски.

Мнозинството бара институционално решение

Секој останува на своето и по средбите со Хан
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:57 0:00

Претходно првите луѓе на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците по одделните средби со Хан и европратениците зборуваа за решавањето на кризата преку собраниска седница, избор на претседател на Собранието кој ќе го информира претседателот Ѓорге Иванов, а потоа и очекување десет дена тој да го даде мандатот.

И покрај тоа што од досегашните изјави на претседателот на државата нема индиции дека ќе го смени ставот, лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека остануваат на тоа дека се уште го очекуваат мандатот од Иванов. Се договориле, рече тој по средбата со Хан, дека процесите мора да бидат забрзани, но дека забрзувањето не значи, како што нагласи, дека треба да престанат да бидат внимателни за сите провокации кои се случувале од другата страна.

„Јас очекувам Собранието да има седница до крајот на оваа недела. Се друго ќе значи банализирање и барање изговори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, токму преку господинот Вељаноски кој е претседавач на седницата која е започната и треба да заврши“, рече Заев.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети, пак, ги повика сите политички сили што поскоро да изнајдат заеднички јазик и по институционален пат да ја решат политичката криза. Посебно барање испрати до ВМРО-ДПМНЕ и до СДСМ да ги доближат разликите и да понудат решение. На новинарско прашање дали и без даден мандат од претседателот Ѓорге Иванов ќе гласаат за влада, тој не одговори конкретно.

„Ние ги дадовме нашите потписи за парламентарно мнозинствo и не планираме да ги прекршиме нашите ветувања“, рече Ахмети.

Иванов не се сретна со Хан

Инаку претпладнево од кабинетот на претседателот Иванов објавија дека тој нема да се сретне со Хан.

„Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на нивната последната средба на 10 февруари 2017 година и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат, без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана“, се вели во соопштението од Кабинетот на Иванов.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG