Достапни линкови

Нови избори ќе ја продлабочат кризата


Архивска фотографија - Претседателски и Парламентарни избори 2014.
Архивска фотографија - Претседателски и Парламентарни избори 2014.

Нови избори нема да донесат поинаков распоредот на силите во Парламентот, па не само што нема да се реши кризата, туку може и да се продлабочи. Но, поддржувачите на протестите „За заедничка Македонија“ се убедени дека резултатите од нови избори ќе бидат во корист на ВМРО-ДПМНЕ.

Нови избори не би биле излез од политичката криза, туку само продлабочување и комплицирање на и онака сложената политичка ситуација во која се наоѓаме, велат дел од политичките аналитичари во земјата. Политичката емпирија говори дека дури и да се организираат нови избори, тие на краток рок не би промениле ништо суштинско во резултатите, односно распоредот на силите во следниот парламентарен состав, вели Љупчо Ристовски, претседател на Инстититут за вредносна и доблесна политика, Интегра.

„Ако носите политичка одлука од таков калибар потребно е да имате во рака елементи на изводливост. Ниту СДСМ ниту ДУИ во моментот се расположени за едно такво решение. За волја на вистината инсајдерски информации од ВМРО-ДПМНЕ говорат дека ниту пак тие се расположени за такво нешто, иако во јавност го промовираат тоа решение, надевајќи се на интензивирање на протестите и методите на ширење страв од федерализација, двојазичност, бинационална држава итн. Се надеваат дека со ескалирање на протестите и кризата ќе можат да го повратат својот авторитет“, изјави Ристовски.

Љупчо Ристовски.
Љупчо Ристовски.

И за политичкиот аналитичар Алберт Муслиу несфатлива е логиката дека новите избори ќе ја надминат кризата. За него сето ова е дел од политичката кампања и спин кој многу често го слушаме деновиве, а нови избори дополнително ќе ја продлабочат кризата.

„Анкетите покажуваат дека некои драстични промени нема ни да има, но дури и да има и хипотетички едната страна да добие мнозинство, при таква тензична ситуација може само уште подлабоко да ги поделат страните и да влеземе во уште понејасна зона. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ своите гласови да им ги дадат на СДСМ за да формираат мнозинство, би значело хипотетички етничко мнозинство и ние би се вратиле на позициите од 2001 година, каде условно речено двете страни преговараа“, изјави Муслиу.

Но, поддржувачите на протестите „За заедничка Македонија“ се убедени дека нови избори ќе има и само со нив ќе се реши политичката криза. Веруваат дека резултатите ќе бидат во корист на ВМРО-ДПМНЕ.

Анкета - демонстранти: Што ќе променат нови избори?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:31 0:00

„Ама нови избори ќе има секако. Значи проблемот ќе го решиме само со нови избори, ова другово е сè лага, нема ни парламент да се направи, ни друго.“

„Кризата сигурно ја решаваат нови избори. Резултатот да биде како сега што беше. Сега ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат со 67 пратеници, нема вака да биде, тоа е сигурно веќе, затоа што народ се крена, не е шала.“

„Нема резултатите да бидат исти. Затоа што секој Македонец е свесен што го снајде, без разлика од која страна и да е“, велат дел од учесниците на протестите „За заедничка Македонија“.

Според експертите пак, илузорно е ВМРО-ДПМНЕ да се надева дека ќе освои апсолутно мнозинство во новиот евентуален пратенички состав, затоа што авторитетот на неговото лидерство е сериозно нарушен, откако како што велат, јавноста ја дозна вистината за нивната морална инкриминираност.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG