Подготвителното рочиште за Тврдина 2 не донесе никаков напредок во случајот, бидејќи се уште не се знае дали класифицирани докази ќе може да се користат во процесот. Судијката Лидија Петровска и наложи на обвинителката Ленче Ристоска да побара појаснување од МВР за употреба на доказите, но и од Дирекцијата за заштита на класифицирани податоци дали по одбивањето за нивна декласификација од УБК, можат доказите да се изведат со ограничена употреба. На новинарите не им беше дозволено да ги снимаат обвинетите, меѓу кои е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски и шест негови колешки, кои се товарат за уништување на докментација поврзано со прислушувањето.
Адвокатот на одбраната, Никола Додевски истакна дека е очигледно оти СЈО не постапило по барањето на судот за декласификација на доказите.
„Ваквото незаконско однесување на СЈО е своевиден преседан. Без законска основа, неподготвено и прерано е поднесено обвинението и сега обвинителството се обидува да ги санира своите пропусти“, порача Додевски.
Тој побара судот да ги одбие доказите кои се класифицирани, бидејќи СЈО требало дозволата за нив да ја добие пред започнувањето на судскиот процес. Ристоска посочи дека се неосновани наводите на одбраната и дека направиле напори доказите навремено да бидат обезбедени согласно задолженијата од судот.
„Наводите на одбраната дека доказите треба да се одбијат се целосно несоновани. На МВР и на УБК им беше објаснето дека треба да постапат по задолжението на судот и затоа одбраната не може да ги извртува фактите“, рече Ристоска.
Според неа, Законот за кривична постапка не забранува како доказ да се користат класифицирани информации. Ристоска посочи и дека не бараат информациите да бидат декласифицирани, туку да може да ги видат и слушнат лица кои имаат обезбедено безбедносен сертификат. Тоа го потврди и судијката Петровска, која од одбраната беше обвинета дека работи во корист на обвинителството и дека не треба да му дели совети како да си ја врши работата. По рочиштето Додевски уште еднаш посочи дека доказите не може да бидат прифатени.
„Законот не ги прифаќа, а не јас“, порача Додевски.
На рочиштето беше утврдено и дека една од адвокатите на обвинетите Јована Тасевска нема безбедносен сертификат, што значи дека доколку не го набави истиот, нема да може да изврши увид во доказите кои се сметаат за класифицирани.
Наредното подготвително рочиште е закажано за 13 март, а Ристоска порача дека ќе направат се што е во нивна моќ за да добијат дозвола за употреба на доказите.