По четири часа, колку што траеше подготвителното рочиште, судијката Татјана Михајлова го одби предлогот на СЈО да сведочи заштитен сведок во судскиот случај во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за насилството во општина Центар. Како доказ судијката го одби и предлогот да се користат доказите кои произлегуваат од бомбите, односно од незаконски прислушуваните комуникации. Доказите кои произлегуваат од незаконски прислушуваните комуникации, според Михајлова, се незаконски обезбедени, а нејзин аргумент за одлуката да не дозволи да сведочи заштитен сведок, беше дека заштитен сведок се предвидува кога има предмети против државата, човештвото или за организиран криминал, додека овој предмет се води за насилство.
Ова е епилогот од подготвителното рочиште, а главната расправа судијката ја закажа за 22 февруари кога исказ треба да дадат обвинетите, иако обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи очекуваше расправата да биде закажана во декември. Фетаи побара главното рочиште да се одржи што побргу, зашто предметот се води по скратена постапка. Судијката рече дека за разлика од неа, таа имала полни раце работа и многу предмети кои ѝ се подеднакво важни.
За време на рочиштето, судијката Михајлова во неколку наврати ја опоменуваше обвинителката Фатиме Фетаи да внимава кога зборува, додавајќи дека немало да им дозволи на странките, мислејќи на СЈО, судењето да го претворат во циркус и театар.
Освен опомените дека во спротивно може и да ја отстрани од судницата, судијката ѝ посочи на Фетаи и дека е иронична и изрази жалење дека немало камери да се види кој правел гримаси и тикови во судницата.
Инаку, по судењето, претседателот на ВМРО ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски не даде изјава за медиумите, а обвинетите исто така не дозволија ниту да бидат фотографирани или снимени во судницата. По рочиштето изјави за медиумите даде единствено адвокатот на одбраната Никола Додовски кој кажа дека е изненаден од тоа колку незаконски докази биле предложени од СЈО и најави дека одбраната за главното рочиште има и свои докази.