Најмалку 6 проценти економски раст во континуитет и се потребни на Македонија со цел да се оствари придвижување на овој сектор, велат упатените. Министерот за финансии Кирил Миноски неодамна изјави дека економски раст за 2016 година ќе биде поголем од предвидениот од 2,3 проценти и покрај негативното влијание со кое се соочила економијата поради политичката криза во земјата.
„Доколку имаме предвид дека ревидираната проекција изнесуваше 2,3 проценти на БДП доаѓаме до еден раст што се наоѓа над тие проекции и покрај објективните пречки што ги имавме. Не треба да го занемариме влијанието што го имаше политичката криза во Македонија која трае речиси две години и која секако психолошки влијае врз инвестициите и врз потрошувачка и со тоа и врз растот на економијата“, изјави Миноски.
Тој посочи и дека во првиот квартал економскиот раст изнесувал 2,6 проценти, во вториот 3,1 а во третиот 2,4 отсто, што во просек е 2,7 проценти.
Поранешниот пратеник и економски аналитичар Слободан Најдовски вели дека економскиот раст не е за пофалба и треба најпрвин да се види како резултат на што е постигнато тоа незначително поместување.
„Тогаш ќе дојдеме до уште пострашни показатели дека тоа не е резултат на економската активност, туку е резултат на одредени би рекол технички усогласувања, односно треба да се види во кои сфери е зголемувањето на растот. Порано Владата се гордееше со растот во градежништвото кога енормно се трошеа пари за проектот Скопје 2014. Сега тоа го нема така што не можеме воопшто да зборуваме за раст на македонската економија“, вели тој.
Најдовски додава дека на Македонија и треба раст на БДП од минимум 6 насто во период од 4 до 5 години за да се постигне забележителен економски развој.
„Нам ни треба Влада која што ќе ја смени целосно пред се буџетската политика во Македонија, која ќе го ослободи стопанството. Наместо државата да биде главниот стопанственик, бизнисмените да бидат тие кои што ќе ја водат економијата и со тоа да се овозможи раст на македонската економија. Се друго ќе биде само шминка и само залажување дека ќе одиме напред“, смета Најдовски.
Тој порачува и дека Миноски заедно со партијата на која и припаѓа треба да ја сносат одговорноста за стагнацијата на македонската економија.