Достапни линкови

Како се намалува невработеноста со слаб економски раст?


Илустрација
Илустрација

Намалувањето на бројот на невработени веројатно се должи на бришење од евиденцијата во Агенцијата за вработување и на иселувањето, а не на економскиот раст, велат аналитичарите.

Парадоксално е тоа што во Македонија има забавување на економскиот раст, а од друга страна намалување на невработеноста, вели академик Абдулменаф Беџети, коментирајќи дел од забелешките во последниот економски извештај на Светска банка. Се работи за техничко-статистичка операција, која најверојатно подразбира бришење на невработените од системот на податоци, но тоа со сигурност не е резултат на подобрување на економската состојба во земјата, посочува Беџети.

„Тоа е чиста статистичка операција што на некој начин ја исчистува дата базата по основ на социјални надоместоци за невработување и слично. Така што, со секое исчистување на дата базата на невработени се добива податок дека наводно процесот на намалување на невработеноста е континуиран во Македонија, но тоа со голема сигурност не е поради економско подобрување и раст, поготово затоа што тоа трае и денеска, а ние последните две години имаме потпросечна стапка на раст во однос во другите економии во регионот“, вели Беџети.

Поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев вели дека економскиот раст на земјава се одржува на мускули, а позајмените пари од задолжувањето не се користат за зголемување на потенцијалниот раст, кој е на најниско ниво во земјите во регионот. Во вакви услови, феноменот намалување на невработеноста, според Гошев, не е произведен од економскиот раст, туку од следните два процеси:

„Првиот е стоте илјади вработени во јавниот сектор за овие 10 години. Затоа власта ја крие бројката за вкупно вработени. Кога ќе ја дознаеме таа бројка, ќе видиме колку луѓе се ставени на платен список и со тоа не се појавуваат на пазарот на невработеност. И другиот процес е иселувањето од Република Македонија. Се разбира, таму има и вработени кои заминуваат поради незадоволство од мизерните плати, но се иселуваат и невработени луѓе. Кога тие две бројки би се знаеле прецизно, тогаш би се видело целото фијаско на оваа економска политика на власта“, изјави Гошев.

Според Беџети, политичката криза придонела за намалениот економски раст, но тоа не е главниот фактор за овој тренд. И претходно, економските политики на државата не генерираа подобрување на животниот стандард во Македонија.

„Не е само поради политичката криза. Воопшто не е. Туку е поради несоодветниот модел на економски раст. А нам моделот ни е странски директни инвестиции. Сето тоа што Владата го промовира како успешна економска политика е привлекување на странски директни инвестиции во слободните зони, така што сето тоа што се дава, ослободување од плаќање придонеси и разни други давачки, придобивките на компаниите се поголеми од придобивките на економијата. И тоа преку разните видови бенефиции кои државата им ги дава на инвеститорите“, појаснува Буџети.

Доколку ваквиот тренд продолжи, ефектите ќе бидат негативни, предупредуваат експертите. На тој начин се создаваат притисоци врз пензискиот систем, а околу 45 проценти од приходите на пензискиот систем се остваруваат од буџетските трансфери. Анализите покажуваат дека големата расходна страна на буџетот не создава бенефит за економијата, а најмалку за јавниот сектор и животниот стандард на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG