Достапни линкови

Мигрантите нетрпеливи, решение ниту на повидок


Транзитен центар за мигранти во селото Табановце, на македонско-српската граница.
Транзитен центар за мигранти во селото Табановце, на македонско-српската граница.

Во кампот во селото Табановце, на македонско-српската граница, има околу стотина мигранти. Од нив 22 уште од февруари, март побарале азил во Македонија. Останатите чекаат да се отвори можноста организирано да го продолжат патот, не се заинтересирани да останат во Македонија.

Деновите им се тешки и долги, а ноќите уште потешки и студени. Секојдневието е непроменливо, здодевно, веќе и безнадежно. Не им се зборува ниту меѓусебе. Трпението им попушта сè повеќе, а за решение, односно заминување во подобар живот нема никакви најави. Тоа е сликата на сега веќе стотина мигранти, главно од Сирија, сместени во времениот бегалски камп во пограничното село Табановце на железничкиот премин, на македонско-српската граница.

Арбнор Тефику од Центарот за управување со кризи, вели дека со затворањето на рутата бројот на мигрантите е зголемен за 40, така што сега во кампот се стотина. Новина е што 22 од „заглавените“ уште од февруари, март побарале азил во Македонија.

„Останатите чекаат да се отвори можноста организирано да го продолжат патот, не се заинтересирани да останат во Македонија. Моментално условите се добри, капацитетите се поголеми од бројката што ја има. Така, просторот овозможува стотина луѓе да можат комотно да престојуваат тука. Во контејнерите имаат клима и сè што им е неопходно. Храна добиваат три пати дневно регуларно, но доколку имаат потреба добиваат и дополнително“, вели Тефику.

Тој додава дека на мигрантите им се препорачува да не се оддалечуваат од кампот, сепак кампот не е логор, ниту затвор. Тие излегуваат слободно и пак се враќаат, оти до сега се покажало дека немаат намера да ризикуваат за нелегално преминување на границата.

За да им се исполни времето повеќе невладини организации организираат активности. Беар Малиќи од Куманово, волонтер од „Легис“, вели дека нивната помош е толку колку што е законски предвидено и колку што се нивните донаторски способности. Помагаат во соработка со Министерството за труд и Црвен крст.

„Имаме активности со деца, пинг-понг, играње, турнири. Децата се многу мирни, активностите се за да им се исполни и колку-толку да им се скрати времето. Инаку, тие сакаат да се отворат границите и да заминат“, вели Малиќи.

Мигрантите се безбедни во кампот, но неизвесноста што со нив ќе се случува секој миг се повеќе ги притиска. Не им се зборува со новинари, зашто и од тоа, како што велат нема никаква полза. Во Сирија поради војната не можат да се вратат, а и не помислуваат.

„Сè им е преку глава, а да се вратат тешко зашто во Сирија е голема војна. Сакаат да одат напред, но тешко. Нервозни се, секоја ситница ги нервира, за мал недостаток реагираат и сакаат веднаш да се отстрани. Храната не им се допаѓа, не дека не е добра, туку затоа што тие се нервозни“, му се жалат на преведувачот Вилијам Нусерати.

Некои од нив, главно жените наоѓаат сили да се насмевнат, како и по некое дете. Мажите се незаинтересирани за било каква комуникација. Новодојдените во кампот велат дека научиле да поздравуваат на македонски, а по многу талкања за сега за нив кампот е некаков спас. Сепак да не трае многу долго, зашто целта им е некоја од западноевропските земји. Велат, таму им се роднините и пријателите. И тие се нетрпеливи.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG