Достапни линкови

Мигрантите по илегални патеки бараат влез во ЕУ


Мигрантската голгота низ Македонија продолжува
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:15 0:00

Мигрантската голгота низ Македонија продолжува

Затворањето на европските врати за мигрантите не ја затворија целосно западнобалканската рута низ која се движат луѓето во потрага по подобра иднина. Патеката која покрај железничките пруги водеше од Грција, преку Македонија до Србија годинава доби нови димензии. Кон мрежата се приклучија и македонските соседи, па мигрантите сега се обидуваат и преку Косово и Бугарија да влезат во Србија.

Ни на небо, ни на земја, се наоѓаат десетици мигранти кои српската полиција ги вратила во Македонија. По неколку неуспешни обиди нелегално да ја преминат српската граница, преку Косово и Бугарија, велат дека биле вратени на македонска територија. Тие во близина на прифатниот камп во Табановце со топол напиток и ѓеврек се обидуваат да закрепнат пред уште еднаш да се обидат да ја преминат границата.

Од Алжир преку Турција до Македонија, во Табановце го сретнавме Мухамед Абдул Вехаб. Тој вели дека е уморен од препреките со кои се соочува, 13 дена пешачел низ Македонија, ама нема да се откаже од својата желба, да живее во Белгија. До сега српската полиција два пати го вратила назад во Македонија.

„На десет километри пред Скопје не пресретна една банда на која и побегнавме, а инаку српската полиција два пати не врати во Македонија“, вели Мухамед Абдул Вехаб.

Неговиот сопатник, од Алжир Ебу Иса вели дека ни тој не поминал подобро, последната средба со српската полиција за него завршила со пендрек по глава. До сега три пати го вратиле на македонската територија.

„Пешки одевме кон Србија, пробавме и преку албанскиот премин па кон Косово, но не вратија во Македонија, мене полицијата неколку пати ме удри“, вели Иса.

Кампот во Табановце официјално е затворен за нови мигранти, таму престојуваат само оние кои останаа заглавени на македонска територија по затворањето на европските граници во март годинава. Но и тие што со месеци престојуваат таму не сакаат да останат во контејнерите чија намена е привремен престој, особено не кога и зимата се наближува. Затоа не се откажуваат да влезат низ затворените европски врати по споредни патеки.

Досегашната траса од Грција преку Македонија, до Србија е проширена со Косово и Бугарија. Според неофицијалните податоци, до кои дојдовме, на српската граница неделно од Македонија се обидуваат да преминат од 300 до 400 мигранти додека од бугарската страна неделната бројка изнесува околу 500.

Според податоците од МВР, од официјалното затворање на европските граници на 8 март годинава до денеска, полицијата открила 25 илјади мигранти кои се вратени во Грција.

Мигрантската голгота не заврши со затворање на балканската рута
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:20 0:00

Мигрантите најчесто од јужната до северната граница најчесто се движат по железничката пруга. Мештаните кои ги сретнавме во пограничните македонски села ни укажаа на нова рута која во изминативе неколку месеци редовно ја користат. Тоа е преку селото Ваксице до косовско – српската граница. А преку селото Лојане кон Скопска Црна Гора се обидуваат да ја преминат македонско српската граница. Но зачестените погранични контроли и лошите временски услови им го отежнуваат овој пат.

Миратовски пат е еден од рутата по која мигрантите одат кон или се враќаат од Србија, откако нивниот пат ќе го пресече полицијата, вели координаторката на мобилниот тим на Црвен Крст во Лојане, Сандра Томовска. Таа со својот тим ни го покажа теренот на кој тие ги среќаваат мигрантите и им нудат медицинска помош, храна, зимска облека и обувки.

„Кога ќе наидеме на група бегалци првенствено им нудиме медицинска помош, настапуваме со преврски на рани од предолго пешачење, исцрпеност, премаленост на бегалците. Прво ги згрижуваме дечињата, затоа што тие доаѓаат во една тешка состојба, гледате дека се лоши временските услови и може да замислите како изгледа за едно мало дете да пешачи толку долго време,“ вели Томовска

Таа додава дека од локалното население добиваат голема поддршка. Бројката на мигранти кои минуваат низ македонското погранично село Лојане е различна секој ден, вели Томовска.

„Имаме бегалци кои едноставно надоаѓаат од сите страни, има денови кога е навистина мирно, но речиси и да нема ден, да не се соочиме со група на бегалци кои бараат помош од Црвениот крст. Нашиот магацин се наоѓа во селото Лојане и таму сме максимално екипирани“, вели таа.

Во изминативе 8 месеци македонската полиција откриле над 25 илјади нелегaлни мигранти и тие се вратени во Грција.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG