Финансиските инвеститори не сакаат непотребни ризици, особено правни и ризици од политичко безбедносен карактер, вели поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев, коментирајќи ја одлуката за одложувањето на еврообврзницата. Во овој случај, покрај другите, тие препознаа и законски ризик, додава тој.
„Така што, може да се каже дека нашиве измамници се демаскирани од меѓународниот финансиски и политички пазар. Ова што се случува е реакција всушност на прочитаните трикови“, вели Гошев.
Според него, ова е порака и до македонската влада дека за вакви работи мора да се договара со опозицијата. Инаку, во веста објавена синоќа се наведува дека Македонија ја одложила еврообврзницата откако до заедничкиот менаџмент составен од претставници на Сити, Дојче банк, Ерсте банк и Сосиете женерал било испратено писмо од член на СДСМ во кое се наведува дека земјата можеби нема легална основа за нејзино издавање.
Процесот продолжува и понатаму, а она што е негативно е дека на овој начин се прави преседан од опозицијата со кој се нарушува финансискиот углед на Македонија, реагира веднаш министерот за финансии Кирил Миноски.
Според аналитичарот Алајдин Демири ваквиот развој на настаните ќе влијае и врз преговорите што се водат во Пржино, а владејачката страна е можно да реагира со терање инает, проценува тој.
„Повлекувањето на еврообврзницата ќе ги намали акциите на ВМРО-ДПМНЕ во преговорите, а триумфализмот на СДСМ ќе се зголеми. Тие ќе истакнуваат дека знаат што се случува, се борат и успеваат“, вели Демири.
Ова не е ваква прва порака којашто стигнува од меѓународните финансиски и политички кругови. Меѓународниот монетарен фонд го повлекува постојаниот претставник од Македонија, а Европската комисија скрати и дел од ИПА фондовите. Сето ова апсолутно треба да се гледа заеднички, смета Гошев.
„Веќе во низа имаме неколку сериозни опомени кон власта дека не може да работат на тој начин и дека ќе бидат казнети на еден или друг начин“, вели Гошев.
Тој смета и дека ако ваквите пораки кои ги испраќа меѓународниот финансиски и политички свет власта продолжи да не ги сфаќа сериозно ќе следеле и нови мерки.