Достапни линкови

СДСМ ќе ја оспори еврообврзницата, ЛДП бара прекин на партиските преговори


Ден по објавувањето на информацијата дека Владата издава нова еврообврзница тешка до 650 милиони евра, не стивнуваат реакциите во јавноста.

Со реакции се јавија СДСМ, ЛДП, Левица како и невладини организации кои ги следат економските текови. Бараат повлекување на одлуката за издавање еврообврзница наведувајќи дека тоа е огромно задолжување кое ќе падне врз грбот на идните генерации.

Кире Наумов од СДСМ на денешната прес конференција ова задолжување го нарече финансиско злосторство врз граѓаните, економијата и идните генерации. Според него со најавеното издавање на еврообврзница јавниот долг и официјално ќе го надмине износот од пет милијарди евра и ќе изнесува 54 отсто од БДП.

Наумов, кој според Договорот од Пржино, беше дополнителен заменик-министер во финансии нагласи и дека ги известуваат Сити Банк, Дојче Банк, Ерсте Банк и Сосиете Женерал, како агенти за издавањето на најавената еврообврзница дека согласно Законот за Влада, се уште во сила биле законски норми како и при издвањето на четвртата еврообврзница.

“Доколку не биде испочитувана истата правна процедура, како при издавањето на таа еврообврзница, тогаш по промената на власта ќе го оспориме ова задолжување како законски јавен долг” рече Наумов.

Тој го оспори издавањето на еврообрзницата бидејќи ребалансот со кој се планирало зголемување на сумата на странски задолжувања не бил како што нагласи ниту предложен до Собранието. Одговорноста ја посочи и кај новиот министер за финансии Кирил Миноски за кого рече дека со ставањето на потписот ќе бил директен извршител на финансиско злосторство.

“За ова, Миновски и сите инволвирани, ќе понесат кривична одговорност согласно законите, по промената на власта” рече Наумов.

Либерално демократската партија праша каква смисла имале преговорите меѓу потписничките на Пржинскиот договор за наоѓање на решение за политичката криза, кога власта под диктат на Никола Груевски се задолжувала со нова еврообврзница за како што рекоа корупција на гласачкото тело.

“Со ваквото задолжување, убедени сме дека Македонија критично се доближува до грчкото сценарио и затоа ги повикуваме СДСМ, ДУИ и ДПА да се повлечат од преговорите за излез од политичката криза, се додека Владата предводена од ДПМНЕ не ја поништи оваа срамна одлука за издавање на еврообврзница од 650 милиони евра” нагласуваат од ЛДП.

Од партијата Левица, пак, предупредија дека доколку се издаде еврообврзница во износ од 650 милиони евра на 10 години, со купонска камата од седум остсто, само за камата ќе требалода се платат 455 милиони евра.

“Затоа, денеска јасно и гласно истакнуваме дека доколку ние дојдеме на власт, нема да ги плаќаме овие камати! Со оглед на ова, ги повикуваме странските банки да не ги купуваат обврзниците кои владата сака сега да ги издаде. Конечно, ги повикуваме сите граѓани на оваа држава, сите граѓански организации и движења и сите политички партии, да го направат истото” наведоа од Левица.

Од Центарот за економски анализи- ЦЕА наведоа дека процесот на издавањето на еврообврзницата е нетранспарентен, води до натамошно влошување на одржливоста на јавните финансии на Македонија, ја амнестира фискалната недисциплина и е вовед кон натамошно задоволување на апетитите на клиентите на владејачката гарнитура во политичкиот процес.

ВМРО-ДПМНЕ вчера, по првичните реакции, соопшти дека еврообврзницата се издавала како реакција на политичката криза која СДСМ во етапи ја прави за да се спаси од политички пораз на избори.

Според нив издавањето на еврообврзницата од 650 милиони евра е внесување свеж капитал во земјата, кој ќе го гарантира нормалниот тек на економијата во услови на криза која СДСМ сака да ја продлабочи.

Инаку според одлуката на Владата задолжувањето ќе се реализира годинава, а парите земјата ќе ги враќа десет години.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG