Достапни линкови

Вести

Османи за РСЕ: Постапките за проширување на суверенитетот на Косово се легитимни

Вјоса Османи, претседателка на Косово
Вјоса Османи, претседателка на Косово

Косовската претседателка Вјоса Османи во саботата за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека процедурите за проширување на суверенитетот на Косово се легитимни и во согласност со Уставот на земјата, но оти успехот и одржливоста на овие постапки зависат од соработката со сојузниците.

Таа ги даде овие изјави откако беше прашана за реакциите на Западот за затворањето на пет паралелни српски институции на северот на Косово – областа каде што живеат мнозинство Срби.

Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан го повика косовскиот премиер Албин Курти да престане со „некоординираните акции кои негативно влијаат на нашето партнерство“.

На акциите на северот на земјата реагираа и ЕУ и амбасадорите на Германија, Франција и Велика Британија.

„Ситуацијата на северот на Косово е многу предизвикувачка, бидејќи според Договорот од 2013 година, кој бара да се отстранат сите нелегални структури, тие во оваа деценија беа зајакнати од [српскиот претседател Александар] Вучиќ и се претворија во мафијашки групи кои ги загрозуваат безбедноста и суверенитетот, но и самите животи на граѓаните на север“, рече Османи во Прага, каде што учествува на безбедносниот форум Глобсек.

Таа повика да не се дозволи „која било мрачна сила, која било земја што има зли намери кон Косово и регионот, да создаде поделба меѓу нас и нашите сојузници“.

„Оваа поделба, долгорочно, многу го чини Косово. Косово има можност да биде успешно во проширувањето на својот суверенитет, заедно со своите сојузници. Потребна е поголема комуникација, консултации, поголема координација“, рече таа.

На прашањето дали високи американски функционери, вклучително и шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), на состаноците што се одржаа последните денови споменале влошување на односите со Владата на Косово, таа рече дека САД на секое ниво се јасни дека односите со народот на Косово и Косово се многу важни.

„Мораме да најдеме начини да го зајакнеме партнерството, мора да најдеме начини дебатата на Косово никогаш да не биде ’дали раскинавме со Америка или не?‘, туку како да ги зајакнеме тие односи, бидејќи тоа е само во интерес на Косово“, истакна таа.

Османи рече и дека на форумот во Прага ќе се сретне со американски претставници на кои ќе разговара за сите актуелни предизвици.

Таа не сакаше да коментира зошто во саботата на главниот мост на реката Ибар е забележано зголемено присуство на силите на мисијата на НАТО на Косово (КФОР). Рече дека за ова треба да се праша КФОР.

КФОР не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа за причините за засилување на присуството на мостот, но член на мировната мисија на мостот рече дека тие се таму „за рутински операции“.

Во меѓувреме, во попладневните часови беше забележано дека Мисијата го намали своето присуството на мостот што ја дели јужна Митровица – населена со Албанци, од северна – населена претежно со Срби.

Косовските власти вчера (30 април) спроведоа акција за затворање на пет паралелни српски институции на северот на земјата, област каде што живеат мнозинството Срби, а за кои рекоа дека функционираат под водство на Србија, „прекршувајќи ја уставноста и законите на Република Косово“.

Затворени се институциите на косовскиот округ Митровица, паралелната општина Митровица, паралелната општина Звечан, паралелната општина Зубин Поток и паралелната општина Лепосавиќ.

Покрај од меѓународната заедница, реагираше и Белград. Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој исто така учествува на форумот во Прага, побара од ЕУ конкретна и недвосмислена реакција за заштита на Србите на Косово.

Кина и Филипините меѓусебно се обвинуваат за провокации во Јужното Кинеско Море

Јужно Кинеско Море (фотоархива).
Јужно Кинеско Море (фотоархива).

Кина и Филипините меѓусебно се обвинија за судирање на бродови во спорното Јужно Кинеско Море во саботата, што е последниот конфликт предизвикан на клучниот воден пат, пренесува Ројтерс.

Кинеската крајбрежна стража соопшти дека филипинскиот брод, „незаконски оставен“ кај гребенот Сабина Шоал, го подигнал сидрото и „намерно се забил“ во кинески брод. Од друга стана, филипинската крајбрежна стража соопшти дека кинескиот брод е тој што „со намера се судрил“ со еден од бродовите на Манила.

Пекинг смета дека има право на целото Јужно Кинеско Море, вклучително и делови што им припаѓаат на Филипините, Брунеи, Малезија, Тајван и Виетнам.

Се верува дека делови од морето, низ кои поминуваат стоки во вкупна вредност од три трилиони долари годишно, се богати со наоѓалишта на нафта и гас, како и рибни резерви.

Во 2016 година, Постојаниот арбитражен суд утврди дека барањата на Кина немаат правна основа, одлука што Пекинг ја отфрла.

Портпаролот на кинеската крајбрежна стража Лиу Дејун ги повика Филипините веднаш да се повлечат од областа на гребенот.

„Кинеската крајбрежна стража ќе ги преземе неопходните мерки за да ги спречи сите обиди за провокација, вознемирување и престап и решително ќе го заштити територијалниот суверенитет и поморските права и интереси на земјата“, рече Лиу.

Портпаролот на филипинската крајбрежна стража Џеј Тариела на прес-конференција рече дека кинеската крајбрежна стража не ги почитувала прописите за судир и извршила опасни маневри, што довело до штета, но нема информации за повредени.

Гребенот се наоѓа во филипинската ексклузивна економска зона од 200 наутички милји.

Вучиќ негира дека има блиски врски со Путин и дека Србија е „тројански коњ“ на Русија

Српскиот претседател Александар Вучиќ на Глобсек во Прага, 31 август 2024 г.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на Глобсек во Прага, 31 август 2024 г.

Српскиот претседател Александар Вучиќ негира дека има блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин и постојано отфрла дека неговата земја-кандидат за членство во ЕУ, е „тројански коњ“ на Москва.

Говорејќи на конференцијата Глобсек во Прага на 31 август, Вучиќ рече дека не се сретнал или разговарал со Путин најмалку во последните две и пол години откако руските трупи ја започнаа инвазијата во Украина во февруари 2022 година.

„Нема ’две страни‘. Ние сме на патот кон ЕУ. Да, ние имаме традиционално многу добри врски – и не го криеме тоа и не се срамам од тоа со Русија. Тоа отсекогаш било случај меѓу Србите и Русите“, рече Вучиќ.

Тој посочи дека неодамна имал „одличен“ разговор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која исто така беше во Прага оваа недела, како и дека никој не се согласува со него за ова прашање, но сите во Европа ја разбираат неговата позиција.

Според Вучиќ, Србија ја спроведе својата агенда за раст и реформи „подобро од кој било друг“.

Србија и Турција се единствените земји кандидати за членство во ЕУ кои одбија да воведат санкции кон Русија.

Српските власти, особено актуелниот вицепремиер Александар Вулин, одржуваат блиски врски со Москва и по нејзината инвазија на Украина.

Заедно со неговиот црногорски колега во Прага, претседателот Јаков Милатовиќ, Вучиќ ги повика партнерите од ЕУ да покажат поголема доверба во намерата Србија да се приклучи на блокот.

Тој рече дека процесот на евроинтеграции не зависи од односите на Србија со Русија, туку првенствено од нормализирање на односите со Косово. Косово прогласи независност во 2008 година, а Белград до денес не го признава суверенитетот на својата поранешна покраина.

„Да, ние сме на патот кон ЕУ, а најголемиот проблем за Србија е нашиот однос со Приштина“, рече Вучиќ.

„Не е сето ова за Украина, бидејќи сите овие носители на големи политички одлуки знаат сè. Се работи за ова, и тоа е многу тешко прашање за нас. Сите го знаат тоа“, додаде Вучиќ.

Косово и Србија преговараат за нормализација на односите од 2011 година со посредство на ЕУ.

„Целта е да се воспостави заемна доверба меѓу Србија и ЕУ, а не да се гледа Србија како руски тројански коњ“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател не се согласи со црногорскиот колега Милатовиќ за перспективата на ЕУ.

Милатовиќ на конференцијата настапи со „оптимистичка позиција“, предвидувајќи дека Црна Гора би можела да стане членка на ЕУ до 2029 година, додека Вучиќ рече дека српската интеграција нема да биде можна пред 2030 година.

Скопје од понеделник со редуциран градски превоз?

Приватните превозници ќе пуштат само по еден автобус на една линија (фотоархива).
Приватните превозници ќе пуштат само по еден автобус на една линија (фотоархива).

Скопје од понеделник (2 септември) кога почнува и новата учебна година, се очекува да биде со редуциран градски превоз.

Приватните превозници најавуваат дека ќе возат само една линија наутро, додека на градското Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) му недостигаат автобуси за да може да го покрие зимскиот возен ред којшто почнува од понеделник.

Приватните превозници појаснуваат дека ќе пуштат само по еден автобус на една линија и бараат да им се исплати долгот од градските власти. Исто така, бараат да се зголеми и цената која, како што посочуваат, е од пред осум години, поточно од 2017 година.

ЈСП, пак, веќе извесен период е во фокусот на јавноста поради хаотичниот градски сообраќај, недостатокот и лошата состојба на автобусите и непочитувањето на возниот ред.

Директорот на ова скопско претпријатие, Драги Кушовски во интервју за МИА дадено претходно овој месец, изјави дека немаат доволен број автобуси односно недостигаат 40-тина за да се пополни летниот возен ред, а камоли за зимскиот, и ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП.

На 22 август се одржа и средба помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и советничките групи во Советот на Град Скопје, по што беше договорено да се поддржи пренамена на пари за да се сервисираат и стават во функција 30-тина расипани автобуси.

Досега, нема информација дали тие ќе бидат репарирани и пуштени во сообраќај од понеделник, ниту како ЈСП планира да го исполни возниот ред.

Пред два дена (на 29 август) Советот на Град Скопје не ги изгласа проектите за набавка на нови автобуси и за реализација на Брз автобуски превоз (БРТ). Советниците на ВМРО-ДПМНЕ се противеа бидејќи Арсовска во предлогот не навела сума што планира да се потроши за нови автобуси. Градоначалничката им понуди и сами да одредат колку пари да се потрошат, а вчера испрати и отворено писмо до Владата во кое го повика премиерот Христијан Мицкоски да ја спроведе набавката на новите автобуси, а доколку немаат пари изрази подготвеност Град Скопје да ги префрли на наменска сметка.

Од Владата, пак, и одговорија дека на скопјани им е потребно брзо решение, додека набавката на нови автобуси би траела година до година и пол.

Инаку, предлогот за купување нови автобуси се наоѓа пред советниците на Град Скопје подолг период и досега 20-тина пати беше на дневен ред, но не можеше да биде изгласа, главно поради забелешки од ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовска стана градоначалничка на Скопје на изборите во октомври 2021 година со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа патиштата им се разидоа уште во првата година од мандатот.

Четврти ден од израелската воена операција на Западниот Брег

Израелски војници за време на рацијата во Џенин, 28 август 2024 г.
Израелски војници за време на рацијата во Џенин, 28 август 2024 г.

Денеска (31 август), четврти ден по ред, Израел продолжи со својата голема воена операција на окупираниот Западен Брег.

Додека продолжуваат судирите и експлозиите во северниот град Џенин, израелската војска соопшти дека двајца Палестинци биле убиени додека се подготвувале да извршат бомбашки напади во текот на ноќта на јужниот дел од Западниот Брег, пренесува новинската агенција Франс Прес (АФП).

Палестинската милитантна група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ и чиј напад врз Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната во Газа, ја поздрави „херојската операција“ во „чувствителен момент“ за време на израелските операции на север.

Сојузникот на Хамас, Исламскиот џихад, кој е присутен на северниот дел на Западниот Брег, се јави со слична реакција велејќи дека им „честита“ на извршителите на „координираниот напад“.

Израелската војска, пак, се огласи за експлозија на возило на бензинска пумпа во населбата Гуш Етзион опишувајќи ја како „обид за активирање на автомобил-бомба од страна на терорист“, кој подоцна бил убиен.

Воен офицер и еден резервен офицер биле полесно повредени.

„Во друг инцидент, шефот на обезбедувањето во израелската населба Кармеи Зур бркаше автомобил со терорист кој се инфилтрирал во населбата, што доведе до судир и терористот набрзо беше неутрализиран“, се наведува во соопштението на армијата.

Во него се додава дека „за време на судирот, се активирала експлозивна направа во автомобилот на терористот“.

Според АФП, најмалку 20 Палестинци, 0д кои повеќето милитанти, се убиени од страна на израелската армија од средата во истовремени рации во неколку градови на северниот дел на Западниот Брег.

Од петокот, војниците ги концентрираа своите операции на градот Џенин и бегалските кампови во негова близина, кои долго време беа бастион на палестинските вооружени групи кои се борат против Израел.

Во саботата наутро, фотограф на АФП во Џенин слушнал судири во градот, каде што улиците беа главно празни, освен што имало оклопни возила, вклучително и едно што го блокирало пристапот до владината болница.

„Мислам дека ова е најлошиот ден од почетокот на нападот… Одвреме-навреме слушаме судири, а понекогаш и силни бомбардирања“, изјави директорот на болницата, Висам Бакр.

„За време на рацијата, во болницата беа исклучени водата и струјата, оставајќи ја да се потпре на генератор и резервоар за вода“, вели тој за АФП.

По нападот на Хамас на Израел на 7 октомври, на Западниот Бред е зголемено насилството.

Обединетите нации во средата соопштија во оваа област од почетокот на војната во Газа, најмалку 637 Палестинци се убиени од страна на израелски војници или доселеници.

Деветнаесет Израелци, вклучително и војници, пак, биле убиени во палестински напади или за време на воени операции во истиот период, според израелските официјални податоци.

А, од 20-те убиени Палестинци пријавени од средата, Хамас и неговиот сојузник Исламски џихад, соопштија дека најмалку 13 биле членови на нивните вооружени крила.

Велика Британија, Франција и Шпанија во петокот изразија загриженост поради операцијата на Израел на Западниот Брег.

Израел ја започна својата смртоносна офанзива во Газа како одговор на нападот на Хамас на 7 октомври.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека Израел се согласил на најмалку тридневни „хуманитарни паузи“ во делови на Газа почнувајќи од недела за да се олесни акцијата за вакцинација, откако во оваа област беше пријавен прв случај на детска парализа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ова „не е прекин на огнот“.

Нападот на Хамас на 7 октомври резултираше со смрт на 1.199 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили, според израелските податоци.

Палестинските милитанти, исто така, зедоа 251 заложник, од кои 103 сè уште се заробени во Газа, вклучително и 33 за кои израелската војска смета дека се мртви.

Во израелската одмаздничка воена офанзива, пак, загинаа најмалку 40.602 луѓе во Газа, според Министерството за здравство под контрола на Хамас. Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека повеќето од загинатите се жени и деца.

Војната ја опустоши Газа и постојано го раселени поголемиот дел од нејзиното население кое изнесува 2,4 милиони.

Прага ја поддржува украинската одбрана на руска територија, но признава дека постојат „дилеми“

Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешка.
Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешка.

Во период кога се дебатира за наметнатите ограничувања за оружје од Западот, чешкиот министер за надворешни работи, Јан Липавски, порача дека Украина има право да се брани, вклучително и со напади на руска територија.

Сепак, тој призна дека сојузниците на Прага кои обезбедуваат најсофистицирано оружје се соочуваат со „стратешки дилеми“.

Говорејќи на вториот ден од безбедносната конференција Глобсек во Прага на 31 август, највисокиот чешки дипломат, исто така, генерално призна дека има „многу тешкотии и многу разлики“ за да се осигури дека сојузниците се на иста страна.

„Чешка има многу едноставна позиција: Украина е жртва на агресија, а според Повелбата на ОН има право да се брани од агресори“, изјави Липавски за РСЕ.

„Таа одбрана логично може да се одвива на територијата на агресорот. Тоа значи дека Чешка не поставува никакви ограничувања на системите што ги испорачува, ниту на оружјето или муницијата, на воената опрема што и се доставува на Украина“, додава тој.

На 30 август, чешкиот претседател Петр Павел и шефот за надворешна политика на ЕУ во заминување, Жозеп Борел, јавно повикаа на укинување на ограничувањата за тоа како Украина може да го користи донираното оружје.

Со оглед на тоа дека најмногу се зборува за наметнување ограничувања од САД и Германија, украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано ги повикува нив и другите сојузници да преземат „одлучна акција“ и да и дозволат на Украина со оружјето што го добива од Западот да напаѓа воени цели подлабоко во Русија.

На почетокот на овој месец, Украина започна упад на руска територија, а Зеленски рече дека Русија „мора да почувствува што направила“.

„Од друга страна, да бидеме реални дека најсофистицираните системи за оружје, кои можат да имаат голем дострел или едноставно може да го стават добавувачот во одредени стратешки дилеми, не доаѓаат од Чешка. Тоа значи дека ние не се соочуваме со прашањата што ги имаат некои од нашите сојузници, на пример“, рече Липавски во Прага.

Иако Москва инсистира дека не цели кон цивили, во досегашната две и полгодишна инвазија, руските воздушни бомбардирање ја уништија украинската енергетска и друга инфраструктура и одзедоа голем број цивилни жртви.

„Подобро е авион со проектил или бомба да не ни полета, отколку да полета и да се обидете да соборите авион или проектил што ја таргетира [Украина]. Мислам дека тоа е логично и Русија нема никакви права што може да и ги наметне на Украина“, рече Липавски.

Липавски рече дека чешката позиција е „апсолутно јасна и Чешка се обврзува да ја поддржува Украина воено, хуманитарно и политички сè додека е неопходно Украина да победи“.

Но, тој призна дека одржувањето на „солидарност“ е предизвик дури и меѓу земјите од централна Европа, држејќи ги на страна сојузниците како Унгарија и Словачка.

„Мораме да работиме на тоа. Не е лесно. Тука има многу тешкотии и многу разлики. Но, ова е задачата, да ги задржиме што е можно поблиску“, рече Липавски.

СДСМ ќе организира собир на наставници за повисоки плати, СОНК се огради

СДСМ собирот ќе го организира пред МОН
СДСМ собирот ќе го организира пред МОН

Опозицискиот СДСМ утре (1 септември) ќе организира собир на наставници пред Министерството за образование и наука (МОН) во центарот на Скопје со барање за повисоки плати.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), пак, се огради од организацијата и учеството на овој протест.

„Под слоганот ’Немате оправдувања, покачете ги платите!‘ ќе побараме да се покачат платите во образованието за 12% и да им се исполнат барањата на наставниците. Овој собир, пред почеток на училишната година е еден аларм, едно предупредување. Тоа е собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на Владата на ДПМНЕ и Весна Јаневска“, изјави пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.

Таа порача дека за време на владеењето на СДСМ, во 2022 и 2023 платите во образованието биле покачени на два пати за 15 проценти, а претходните три години имало уште три други покачувања од 10 и 5 отсто.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара наставниците да не подлегнуваат на партиски хушкања и притисоци.

СОНК, во кој членуваат над 20 000 просветни раотници се огласи дека неговите членови нема да учествуваат на овој протест и нема да го мешаат синдикатот во политика.

„Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект. Политичките партии имаа и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници, а тие знаат тоа најдобро да го оценат“, вели Неделков кој за барањата на синдикатот зборува и во неделното интервју на Радио Слободна Европа што ќе биде објавено утре, 1 септември.

Од СОНК претходно побараа усогласување на нивните септемвриски плати со Законот за минимална плата, што треба да им донесе околу 12 проценти зголемување. Исто така, очекуваат со новата Влада да го потпишат и колективниот договор кој беше преговаран и усогласен со минатата власт.

Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, пак, досега неколку пати изјавија дека тие се на страна на наставниците, но дека не може да ги покачат патите обвинувајќи ја претходната власт дека го потрошила буџетот.

„Јас ги молам наставниците, во овој момент да постапуваат со онаа пасија како кога се запишале на факултетот кога ја посакале таа професија. Да ја истераме оваа година со таа нивна и желба, да придонесат за знаењето на учениците, за напредок на државата, а она што им следува секако ќе си го добијат во оној момент кога државата ќе може тоа да го направи. Јас како министер грчевито ќе се борам тоа да биде што е можно повеќе“, изјави министерката Јаневска на 22 август.

Новата учебна година ќе почне в понеделник, 2 септември.

КФОР го зголеми присуството на мостот на Ибар

Припадници на КФОР на мостот на Ибар, 31 август 2024 г.
Припадници на КФОР на мостот на Ибар, 31 август 2024 г.

Мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР) го зголеми своето присуство на главниот мост на реката Ибар на 31-ви август.

На овој мост што ја дели јужна Митровица - населена со Албанци, од северна - населена претежно со Срби, освен автомобили, забележан е и кордон припадници на КФОР.

Радио Слободна Европа (РСЕ) го праша КФОР зошто го зголеми присуството на мостот, но од мисијата не дадоа одговор.

Припадник на италијанските сили на КФОР на мостот на Ибар на репортерот на РСЕ на терен му изјави дека во текот на денешниот ден „не се очекува ништо посебно“ и дека се таму „за рутински операции“.

Зголеменото присуство на овој мост доаѓа еден ден откако косовските власти затворија пет паралелни српски институции во северно Косово.

Акцијата беше критикувана од меѓународната заедница, која ја повика Владата на Косово да не презема еднострани и некоординирани акции.

Косовската влада, исто така, неодамна се соочи со критики од меѓународната заедница затоа што најави дека ќе го отвори мост над Ибар за сообраќај на возила.

САД, Европската Унија и КФОР се изјаснија против отворањето на мостот.

КФОР и ЕУ побараа ова прашање да се реши во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел.

Мировната мисија на НАТО на Косово, исто така, неколку пати предупреди дека нема да се двоуми да дејствува доколку треба да одговори на развојот на безбедносната ситуација.

КФОР е постојано присутен на мостот на реката Ибар.

Бројот на загинати во рускиот напад во Харкив се искачи на најмалку седум лица

Украинските спасувачи гаснат пожар во станбена зграда по ракетниот напад во Харкив, 30 август 2024 г.
Украинските спасувачи гаснат пожар во станбена зграда по ракетниот напад во Харкив, 30 август 2024 г.

Бројот на загинати во вчерашниот руски напад врз украинскиот град Харкив, според украинските власти, се искачи на најмалку седум откако женско тело беше извлечено од зграда што беше погодена од ракетите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќање вечерта на 30 август рече дека на Украина и требаат „силни одлуки“ од нејзините партнери за да го запре теророт што го врши Русија.

Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека голем број луѓе се повредени и ја обвини Русија дека цели на „цивилни објекти, луѓе и деца“.

Локалните власти соопштија дека вкупно пет проектили го погодиле Харкив. Најлошо било во 12-катна станбена зграда, каде што, изјави регионалниот гувернер Олех Синјехубов, има многу жртви на кои морале да им бидат ампутирани екстремитети.

Меѓу седумината загинати, пак, е и 14-годишно девојче.

Во своето вечерно обраќање, Зеленски го идентификуваше девојчето како Софија која наесен требало да наполни 15 години.

Тој рече дека нападот немало да се случи доколку украинските одбранбени сили имале способност да гаѓаат воени локации на руска територија.

„Овој напад беше руска воздушна бомба. Удар што немаше да се случи ако нашите одбранбени сили имаа способност да ги уништат руските воени авиони на териториите каде што се наоѓаат. Ни требаат силни решенија од нашите партнери за да го запреме овој терор. Ова е апсолутно потребно. Не постои рационална причина да се ограничи Украина во одбраната“, порача Зеленски на Телеграм.

Проектилите што го погодија Харкив беа испукани од рускиот регион Белгород, кој се наоѓа на север од украинската област на Харкив. Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгородската област, пак, доцна на 30 август изјави дека од украински напад со ракети врз Белгород загинале пет лица, а 37 биле повредени.

„Една жена и четворица мажи починаа на лице место од здобиените рани пред да дојде Брзата помош“, изјави Гладков на Телеграм.

Тој тврди дека меѓу ранетите има и деца, а 10 лица се во тешка состојба.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кој на 30 август во Пентагон се сретна со неговиот украински колега, Рустем Умеров, ги осуди неодамнешните руски напади врз цивилни цели.

„Да бидам јасен: Никогаш не е прифатливо да се гаѓаат цивили, а отпорноста на Украина ќе и помогне да надвладее над агресијата и злосторствата на [рускиот претседател Владимир] Путин“, рече Остин кој покрај Умеров, го пречека и Андриј Јермак, шеф на кабинетот на Зеленски.

Умеров и Јермак, како што информираа од кабинетот на Зеленски, го информирале Остин за ситуацијата на бојното поле.

„Русија оваа недела ја погоди Украина со повеќе од 400 проектили од различен тип и беспилотни летала. Украина треба да ја зајакне воздушната одбрана за да ги заштити луѓето и критичната инфраструктура“, пишуваше во соопштението.

Кремљ не е загрижен за посетата на Путин на Монголија

Рускиот претседател Владимир Путин со монголскиот претседател Ухнаа Курелсух (фотоархива).
Рускиот претседател Владимир Путин со монголскиот претседател Ухнаа Курелсух (фотоархива).

Кремљ не е загрижен за посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Монголија, најавена за 3 септември, и покрај тоа што оваа држава е членка на Меѓународниот кривичен суд (МКС) кој издаде налог за негово апсење, а по кој монголските власти се должни да постапат.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 30 август изјави дека Кремљ „нема грижи“ за претстојното патување, додавајќи дека Русија има „прекрасен дијалог со нашите пријатели од Монголија“.

Патувањето ќе биде прво на Путин во земја која е членка на МКС откако налогот за негово апсење беше издаден во март 2023 година поради сомнителни воени злосторства во Украина.

Земјите-членки на МКС се обврзани да ги приведат осомничените по кои судот има издадено налог за апсење доколку стапнат на нивна територија, но судот нема механизам за директно извршување.

Украинското Министерство за надворешни работи претходно на 30 август соопшти дека се надева оти монголската влада „ќе го сфати фактот дека Владимир Путин е воен злосторник“ и ги повика тамошните власти да се усогласат со меѓународната потерница и да го предадат Путин на МКС.

Портпаролот на МКС, Фади Ел Абдалах, во изјавата цитирана од Асошиејтед Прес на 30 август нагласи дека Монголија е држава-членка и затоа има обврска да соработува со судот.

За извршување на одлуките, вклучително и налозите за апсење, Меѓународниот кривичен суд се потпира на своите држави членки и други партнери, додава Ел Абдалах.

МКС во март 2023 година го обвини Путин дека има лична одговорност за киднапирањата и депортацијата на деца од Украина. Во налогот од судот, исто така, е наведена и комесарката на Москва за правата на децата, Марија Лвова-Белова. Според МКС, со депортацијата на илјадници украински деца извршени се воени злосторства.

Русија не е членка на МКС и одбива да ги предаде осомничените. Руските власти ги отфрлија налозите и обвинувањата како „ништовни и неважечки“.

Путин треба да отпатува во Монголија на покана на претседателот Ухнаа Курелсух за да учествува на церемонија по повод 85-годишнината од заедничката победа на советските и монголските војски над Јапонија на реката Калхин Гол, соопшти претходно Кремљ.

Путин ќе има среди и со Курелсух и други високи монголски претставници.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG