„Сите сме исти“: Ифтар во црква во Барселона
Волонтери подготвуваат добротворна хуманитарна вечера за Рамазан или ифтар во манастирот на црквата Санта Ана за време на пандемијата на короновирусот во Барселона, Шпанија.
Свештеникот Пеио Санчез вели: „Средбата на религии може да биде мотор за прикажување на граѓанскиот соживот. Иако имаме различни култури, јазици, различни религии, ние повеќе сме во можност да седиме и да разговараме отколку некои политичари, кои на крајот зборуваат за тоа што не издвојува, а не за тоа што може да не обедини“.
Верниците доаѓаат во црквата за ифтар.
Секоја вечер помеѓу 50 и 60 муслимани, од кои многумина се бездомници, доаѓаат во вековните камени простории на црквата Санта Ана, каде волонтерите нудат обилен оброк.
„Сите сме исти, нема никакви проблеми. Сите сме браќа, ги почитуваме и тие нè почитуваат“, вели Хафид Убрахим, 27-годишен Мароканец кој присуствува на ифтарите.
За време на месецот Рамазан, муслиманите не јадат помеѓу изгрејсонце и зајдисонце, кршејќи го постот само откако ќе падне ноќта со оброк познат како ифтар.
„Луѓето се многу среќни што муслиманите можат да ифтаруваат во католичката црква, бидејќи религиите служат за да не обединат, а не да не раздвојуваат“, вели Фаузија Чати, претседател на Каталонската асоцијација на марокански жени.
Оброците се подготвуваат од волонтери. Епидемиолошките мерки се почитуваат.
„Секој ден има повеќе луѓе кои доаѓаат на вечера и сите се благодарни, затоа што ако немаме пари, можеме да дојдеме тука да јадеме без проблем, не гледам проблем во тоа да се биде муслиман или христијанин, воопшто“, вели Ламин Мане, волонтер од Сенегал.