Русија започна масовен напад врз енергетските капацитети на Украина користејќи десетици крстосувачки ракети и беспилотни летала, објави на 13 декември националниот оператор на електричната мрежа Укренерхо.
Укренерхо соопшти дека нападот принудил ограничување на потрошувачката на електрична енергија низ целата земја.
„Уште еднаш, енергетскиот сектор низ Украина се најде под масовен напад. Енергетските професионалци ги преземаат сите неопходни мерки за да ги минимизираат негативните последици за енергетскиот систем на земјата“, напиша на Фејсбук украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко.
Повеќекратни експлозии беа пријавени во јужниот град Одеса, додека регионалните власти во Киев соопштија дека функционираат системи за противвоздушна одбрана.
Размерите на штетата засега не се познати, а Халушченко додаде дека проценката ќе биде можна само откако нападот ќе престане.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ги повика сојузниците на Киев брзо да обезбедат повеќе системи за противвоздушна одбрана за да се спротивстават на руските напади.
„Масовен руски ракетен напад врз Украина утринава, првенствено насочен кон енергетскиот систем“, напиша Сибиха на X и додаде:
„Русија има за цел да нè лиши од енергија. Наместо тоа, ние мора да ја лишиме од средствата за терор“.
Видете и ова: Украинската енергетска инфраструктура цел на масовен руски нападСличен голем руски напад врз енергетската инфраструктура на Украина се случи на 28 ноември, предизвикувајќи сериозни штети и недостиг на енергија.
На 12 декември, Укренерхо објави дека „благодарение на големите реставраторски работи, енергетските работници постепено ја подобруваат ситуацијата во електроенергетскиот систем по масовниот напад на 28 ноември“.
Русија систематски ја гаѓа цивилната и енергетската инфраструктура на Украина од почетокот на војната, засилувајќи ги нападите особено на почетокот на зимската сезона, предизвикувајќи максимални тешкотии и долги прекини на струја за Украинците трета зима по ред.
Според Министерството за енергетика на Украина, Русија извршила повеќе од 1000 напади врз објектите на украинската енергетска инфраструктура од октомври 2022 година.
Украинската енергетска мрежа веќе беше подложена на 11 руски напади оваа година.
Само во 2024 година, 9 гигавати (ГВ) производствен капацитет се изгубени поради нападите, соопшти Министерството. Се проценува дека 1 ГВ е доволно за напојување на град со средна големина.