ЕУ воведе дополнителни санкции кон руски и ирански поморски превозници

Логото на бродските линии на иранскиот национален поморски превозник Исламска Република Иран (ИРИСЛ) -илустрација

Советот на ЕУ денеска (18 ноември) одлучи да го прошири опсегот на рестриктивни мерки поврзани со иранската воена поддршка на руската агресија врз Украина и на вооружени групи и ентитети на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море.

Со санкциите се воведува забрана за користење на бродови и пристаништа за трансфер на дронови, проектили и сродни технологии и компоненти од Иран за Русија, како и за извоз, трансфер, снабдување или продажба на материјали за развој и производство на ракети и беспилотни летала од ЕУ на ирански субјекти.

Од забраната се исклучени пловни објекти на кои им е потребна помош поради поморска безбедност и кои се користат за хуманитарни цели или за настани кои би имале сериозно последици по здравјето и безбедноста на луѓето или животната средина.

Дополнително, воведени се санкции и кон едно физичко и четири правни лица поврзани со трансфер на ирански проектили и дронови за Русија, со што се поддржува нејзината агресија врз Украина.

Видете и ова: САД ги проширија санкциите против снабдувачите на руската воена индустрија од трети земји

Со санкциите се опфатени три руски поморски транспортни компании -„МГ Флот“, „ВТС Брокер“ и „Арпакс“, како и претпријатието „Поморски транспорт на Исламската Република Иран“ (ИРИСЛ) и неговиот директор Мохамад Реза Киабани.

Руски компании „МГ Флот“, „ВТС Брокер“ и „Арпакс“ се санкционирани поради учество на нивни бродови во транспорт на оружје и муниција од иранско производство преку Каспиското Море за Русија, наменети за руските трупи кои се борат во Украина.

Кон ИРИСЛ, кој е ирански национален поморски превозник, се воведени санкции поради тоа што негови бродови со години се вклучени во испораката на дронови за земји или групи од страна на Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда, кој веќе се наоѓа на листата на ЕУ на санкционирани субјекти.