Се истражува смртта на 14 месечното дете кое завчера почина, а неговите родители барале да биде хоспитализирано, но не е примено на Детската клиника во Скопје. Инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат од утринава вршат инспекциски надзор во болницата Козле и Детската клиника во Скопје, потврди денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.
Министерот за здравство, Таравари истакна дека утринава имал состанок со директорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
„Првиот состанок утрово беше со директорот, екипата веќе е на терен. Комисијата веќе е формирана и се наоѓа на работа, на терен за да ги испита сите факти и аргументи, изјави Таравари.
Тој потврди дека инспекторите на ДЗСИ и на Комисијата која е формирана од негова страна веќе од 9 часот се во двете болници во Скопје.
Видете и ова: МЗ: Ќе се утврдат причините за смртта на 14-месечното бебеИнаку, министерот за здравство, Таравари вчера потврди дека детето кое почина на Детската клиника претходно било одбиено да се хоспитализира и истакна „некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“.
Од Детската клиника претходно информираа дека е хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, тешка општа состојба и засегнати витални функции.
Настапило рапидно влошување на состојбата, со отежнато дишење, со пад на сатурација. Телото на бебето е пратено на обдукција, по што ќе се утврдат причините за смртта“, пишуваше и во соопштението од Министерството за здравство.