Синот на Трамп на вечера со бизнисмени во Белград

Партнерката на Доналд Трамп Јуниот, Кимберли Гилфојл, на Инстаграм објави фотографија од вечерата во Белград.

Доналд Трамп Јуниор, син на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, организирал деловна вечера со бизнисмени од Србија на 23 септември во Белград, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Славко Цариќ, поранешен претседател на извршниот одбор на Ерсте банка, за РСЕ потврди дека присуствувал на вечерата на која, како што вели, тема биле „инвестициите и атрактивноста на деловното опкружување на регионот и Србија од перспектива на инвеститорите од САД“.

Како што наведува Цариќ, се разговарало за „кои се сличностите и разликите во инвестирањето во регионот на Југоисточна Европа и во САД, како и кои се предностите на овој регион и како да се реализира целосниот потенцијал во меѓусебната деловна соработка“.

Кимберли Гилфојл, партнерката на Доналд Трамп Јуниор, на Инстаграм објави и фотографија од вечерата во Белград.

Доналд Трамп Џуниор е извршен потпретседател на „Организацијата Трамп“ (Trump Organization).

Оваа компанија е деловен субјект кој вклучува стотици компании и партнерства кои поседуваат или управуваат со деловни згради, хотели, станбени кули, голф клубови, права на брендирање, договори за лиценцирање и друг имот ширум светот.

Видете и ова: Вучиќ „воодушевен“ од планот на зетот на Доналд Трамп во Белград

Трамп Џуниор учествува и го поддржува својот татко и во претседателската кампања.

Тој беше сведок на судењето во 2023 година, каде што семејството Трамп беше обвинето за кривични дела поврзани со даноците. Обвиненијата вклучуваат даночна измама и фалсификување деловни документи.

Организацијата Трамп, наводно, го преувеличувала своето богатство и ги фалсификувала деловните досиеја.

Трамп Јуниор на тоа судење изјави дека не работел на финансиските извештаи во време на кампањата, пренесе Би-би-си.

Најстариот син на Доналд Трамп учествуваше и во претседателската кампања на неговиот татко во 2016 година.

Тој беше сослушан и во Сенатот во врска со истрагата за наводната вмешаност на Русија во претседателските избори пред четири година.

Во јуни 2016, Трамп Јуниор се сретна со руската адвокатка Наталија Веселницкаја, откако наводно му било кажано дека таа може да му даде компромитирачки информации за тогашната противкандидатка на неговиот татко, Хилари Клинтон.

Бизнисот на зетот на Трамп во Белград

Зетот на поранешниот американски претседател, Џаред Кушнер, веќе има деловни потфати во Белград.

Србија потпиша договор со неговата компанија за „ревитализација“ на комплексот на Генералштабот во центарот на Белград, чии делови беа уништени во бомбардирањето од НАТО во 1999 година.

Договорот за ревитализација на комплексот Генералштаб на 15 мај го потпиша министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија, Горан Весиќ, со компанијата на Кушнер „Афинити Глобал Девелопмент“.

Со тој договор, кој сè уште не е објавен, Србија го изнајми земјиштето во рамки на овој комплекс на 99 години.

Весникот „Њујорк тајмс“ на 18 март објави дека инвестицијата е вредна 500 милиони долари и дека, според предложениот договор, Србија треба да добие 22 отсто од профитот.

На местото на урнатините од бомбардирањето е планирана изградба на две висококатници со станови и хотели, иако статусот на заштитен објект како културно добро, сè уште не е отстранет.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Комплексот на Генералштабот во центарот на белград

Архитектонската академија, здруженија и организации во мај усвоија Декларација со која бараат на Генералштабот да му се додели статус на културно добро од исклучително значење за Република Србија, што е највисок степен на заштита.

Исто така, се бара обновување и санација на објектите на Генералштабот и Министерството за одбрана согласно утврдените мерки за заштита на културните добра, кои предвидуваат овие објекти да се вратат во првобитната состојба.

Декларацијата беше поддржана од речиси 40 институции и организации од оваа фела. Со ист став излезе и Српската академија на науките и уметностите (САНУ).

Дваесетина дена по потпишувањето на договорот со компанијата на Кушнер, директорката на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата Дубравка Ѓукановиќ поднесе оставка.

Тоа го направи и директорката на Заводот за споменици на културата од Белград, Оливера Вучковиќ.

Нивните оставки не беа образложени, ниту пак Ѓукановиќ и Вучковиќ се огласија по тој повод, но медиумите шпекулираа дека нивниот чин има врска со барањето на Владата за отстранување на статусот на заштита за објектот на Генералштабот.