Телеграм ќе ги открие телефоните и ИП-адресите на властите по нивно барање

Извршен директор на Телеграм, Павел Дуров

Телеграм ќе им ги открие телефоните и ИП-адресите на корисниците на властите на нивно барање, изјави на 23 септември основачот и извршен директор на апликацијата, Павел Дуров.

„За дополнително да ги одвратиме криминалците од злоупотреба на пребарувањето на Телеграм, ги ажуриравме нашите Услови за користење и Политика за приватност, осигурувајќи дека тие се конзистентни низ целиот свет. Јасно ставивме до знаење дека ИП адресите и телефонските броеви на оние кои ги прекршуваат нашите правила може да бидат откриени до надлежните органи како одговор на валидни правни барања“, напиша Дуров на Телеграм.

„Во текот на последните неколку недели, посветен тим на модератори, користејќи вештачка интелигенција, го направи Пребарувањето на Телеграм многу побезбедно. Сите проблематични содржини што ги идентификувавме во Пребарување повеќе не се достапни“, напиша Дуров.

Дуров, роден во Русија, беше приведен во Париз минатиот месец, а подоцна беше ослободен со кауција од 5,5 милиони долари за наводно „соучесништво во администрирање на онлајн платформа за да се дозволи недозволена трансакција, во организирана банда“.

Видете и ова: Украина им забрани на официјалните лица да ја користат апликацијата Телеграм

Француските обвинители го обвинуваат 39-годишниот Дуров за соучесништво во дозволувањето трговија со дрога и споделување на сексуални слики на деца на Телеграм, како и за одбивање да сподели документи што ги барале властите кои истражуваат незаконски активности на апликацијата.

По неговото ослободување со кауција, Дуров кој има државјанство во Франција, како и во Русија, Обединетите Арапски Емирати и карипскиот архипелаг Сент Китс и Невис, на почетокот на септември рече дека неговото апсење било „погрешно“.

Тој тогаш призна дека Телеграм не е „совршен“ и дека „болките на растење“ „го олесниле криминалците да ја злоупотребат платформата“, но Дуров рече дека апликацијата е водена од „намерата да донесе добро и да ги брани основните права на луѓето, особено кога овие права се повредени“.

Минатата недела, Националниот координативен центар за сајбер безбедност на Украина, земјата која се бори против руската инвазија од февруари 2022 година, ја забрани употребата на Телеграм за државни службеници, воен персонал и вработени во клучната инфраструктура, наведувајќи безбедносни прашања.