Шведска би можела да го предводи планираното присуство на НАТО во Финска

Украина - претседателот на Украина, Володимир Зеленски и шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон, Киев, 24 февруари 2024 година.

НАТО работи на воспоставување воено присуство во северна Финска, каде што Шведска би можела да преземе водечка улога, јави новинската агенција ДПА.

„Ова вклучува уникатен модел на присуство на мултинационални сили на НАТО, познати како напредни копнени сили (ФЛФ), слични на оние во другите земји на НАТО кои граничат со Русија“, рекоа шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон и неговиот фински колега Анти Хаканен на прес-конференција во Стокхолм на 16 септември.

Според министерството на Хаканен, проектот за воено присуство веќе бил одобрен од НАТО на состанокот на министрите за одбрана во јуни, но се чека одобрение од шведската влада.

Видете и ова: Путин предупредува на неодредени „проблеми“ со Финска

Финска ја промени својата долгогодишна политика на неутралност по инвазијата на Москва на Украина и стана 31-ва членка на НАТО на почетокот на 2023 година. Оттогаш, Финска ја засили воената обука на резервните единици и граничниот надзор, дозволувајќи им и на авионите на НАТО да патролираат во граничниот воздушен простор, што ја налути соседна Русија.

Земјата со 5,5 милиони жители дели над 1300 километри долга граница со Русија.

Шведска стана членка на НАТО во март 2024 година, речиси две години откако аплицираше за прием. Апликацијата на Шведска, која по 200 години се откажа од воена неутралност, извесно време беше блокирана од Турција и од Унгарија.