Кацарска - „Трпам закани неколку години наназад“

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска изјави дека се решила да пријави закани кон неа кои „се случувале речиси секој втор или трет ден“.

„Ова се закани што ги пријавив, но јас трпам закани неколку години наназад. И, така речено, нема недела да помине, а да немам некоја закана. Имав и физички напад. Бев физички нападната, но никогаш претходно не пријавував, сметав дека се работи за изолирани случаи“, рече Кацарска.

Таа додаде дека засега нема никаква информации дали има некаква разврска од институциите за пријавените закани кон неа.

„Она што беше пријавено како прв настан немам никаква информација, а за тој што лично ми се закануваше мене, тој беше приведен во полициска станица. До каде е постапката и што се случува понатаму, не би можела да одговорам, рече Кацарска.

Видете и ова: Закани кон претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска

На 14 мај годинава во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзин приватен паркинг во подземна гаража на зграда во Центар беа пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож.

За овој случај тогаш беше соопштено од страна на портпаролката на Уставен суд Христина Беловска, која рече дека оставаат на надлежните да утврдат дали се работи за закани или случајност.

Беше кажано дека Кацасрса се соочила со повеќе непријатности во континуитет.

На 18 мај, во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје непознато лице вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд по што интервенирало нејзиното обезбедување.