Без да се постигне договор заврши новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина што се одржа во Брисел со цел изнаоѓање преодно решение по одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) за укинување на употребата на динарот за готовинско плаќање на косовска територија.
Веста за исходот од денешните разговори ја соопшти главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, кој најави дека следната средба ќе се одржи наредната недела.
Пред новинарите тој изјави дека белградската страна презентирала „конструктивен предлог“ и додаде оти европскиот посредник Мирослав Лајчак го оценил како „цврста основа“ за продолжување на разговорите.
„Но, другата страна не сака да се договори и не сака да најде решение кога е во прашање динарот“, изјави Петковиќ.
Видете и ова: Во Брисел повторно разговори за употребата на динарот во КосовоВо Косово, на 1 февруари стапи на сила уредбата на ЦБК, со која еврото стана единствена официјална валута за плаќање во готовина во земјата. Со тоа се забрани употребата на српскиот динар кој како валутата ја користи мнозинското српско население на северот на Косово.
На претходните состаноци за ова прашање, кои ги организираше ЕУ, двете страни разменија мислења за тоа како да се надмине ситуацијата, но поради големите разлики беше невозможно да се најде решение.
Меѓународната заедница побара косовските власти да го одложат спроведувањето на уредбата и да се најде краткорочно преодно решение, бидејќи декретот има влијание врз локалното население на северот на Косово, кое со години добива исплати во динари од буџетот на соседна Србија.