Украина собори 13 руски беспилотни летала, бројот на загинати во Чернихив се зголеми на 18

илустрација

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека ги собориле сите 13 беспилотни летала испукани од Русија во текот на ноќта во четврток (18 април).

Нападот се случи додека спасувачките тимови сè уште трагаат по загинатите и повредените во рускиот ракетен напад во средата врз градот Чернихив, во кој загинаа 18 лица.

Цел на нападот беше критичната инфраструктура во западниот регион Ивано-Франковск, рече регионалниот гувернер, додавајќи дека остатоците од соборените беспилотни летала предизвикале пожари.

„Нападот со руско беспилотно летало врз западниот украински регион Ивано-Франковск во четвртокот беше насочен кон критичната инфраструктура, а остатоците предизвикаа пожари“, изјави гувернерката на регионот, Свитлана Онишчук.

Украинскиот медиум „Суспилне“ претходно утринава објави дека во четвртокот се слушнале експлозии во регионот Ивано-Франковск, додека украинските воздухопловни сили соопштија дека руски беспилотни летала летаат над регионот.

Русија неодамна ги засили нападите врз критичната инфраструктура на Украина, предизвикувајќи значителна штета на енергетскиот систем на земјата во март.

Украина, исто така, ги засили нападите врз Русија во последните недели, насочени кон енергетската инфраструктура.

Во меѓувреме, Русија во четвртокот соопшти дека неутрализирала 20 беспилотни летала и две балистички проектили во областите што граничат со Украина, вклучувајќи го и Ростов, каде се наоѓа нејзиниот команден штаб за офанзивата против Украина.

„Во текот на ноќта беа спречени неколку терористички напади на режимот во Киев“, соопшти Министерството за одбрана.

По нападот во Чернихив во северна Украина, спасувачите во четвртокот отстрануваа урнатини од местото на смртоносниот руски ракетен напад.

Видете и ова: Украина бара побрзи испораки на системот Патриот од САД

Три руски ракети паднаа врз град во северна Украина во средата, оставајќи локви крв на улицата на местото на еден удар, каде што спасувачите бараа преживеани и ги носеа ранетите на носилки.

Официјалниот број на загинати се искачи на 18 до четврток наутро, со 77 повредени-меѓу кои четири деца, соопшти Украинскиот оддел за итни случаи.

По тој напад, претседателот Володимир Зеленски повторно апелираше за дополнителна помош од западните сојузници.

„За жал, бројот на загинати може да се зголеми. Ова немаше да се случи доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако решеноста на светот да се спротивстави на рускиот терор исто така беше доволна“, рече Зеленски во средата (17 април).