Во Брисел денеска (4 април) започна средбата на главните преговарачи за Косово и Србија, Петар Петковиќ и Бесник Бисими во обид да се најде решение за готовинските плаќања во динари во Косово, што беше забрането пред два месеци.
Претходно во четвртокот наутро, претставникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак имаше посебна средба со главниот српски преговарач Петар Петковиќ.
Извори од Европската Унија (ЕУ), која посредува во дијалогот меѓу Србија и Косово за нормализација на односите меѓу двете земји, рекоа дека се надеваат дека ќе се постигне решение, но повторија дека тоа ќе зависи пред се од подготвеноста на страните.
Ова е трета средба за помалку од еден месец меѓу главниот преговарачи на Србија и на Косово.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во Косово, на 1 февруари стапи на сила уредбата на Централната банка на Косово (ЦБК), со што еврото стана единствена официјална валута за плаќање во готовина во земјата. Така, српскиот динар, валутата што ја користи мнозинското српско население на северот на Косово, е забранет во готовинскиот оптек.
На претходните состаноци за ова прашање, кои ги организираше ЕУ, двете страни разменија мислења како да се надмине ситуацијата, но разликите беа големи и не можеше да се дојде до решение.
Меѓународната заедница побара од Косово да го одложи спроведувањето на уредбата и да се најде краткорочно преодно решение, бидејќи уредбата има влијание врз локалното население на северот на Косово, кое со години добива исплати во динари од буџетот на соседна Србија.