Ховениер: Има позитивни знаци за динарот, но сè уште нема конкретни предлози

Амбасадорот на Соединетите Држави во Косово, Џефри Ховениер

Амбасадорот на Соединетите Држави во Косово Џефри Ховениер изјави дека не му биле презентирани предлози за изнаоѓање решение за исплата на приходите што Србите од Косово ги имаат од српскиот буџет во динари, по денешната средба со вицепремиерот на Косово Бесник Бислими.

„Мислам дека владата (на Косово) сè уште работи на нив“, рече Ховениер на 20 март, нарекувајќи го позитивно тоа што Приштина и Белград се согласија да разговараат за ова прашање.

Бислими, по дискусијата во Брисел за ова прашање во вторник (19 март), рече дека Косово и Србија до 22 март ќе ги достават своите предлози за динарот со цел повторно да се сретнат следната недела и да разговараат за можните опции.

Исплатата на приходите на Србите во Косово од српскиот буџет е отежната од 1 февруари, кога стапи на сила на уредбата на Централната банка на Косово со кој се укинува српскиот динар.

Меѓународната заедница бара одложување на оваа уредба бидејќи има „негативни последици“ за српската заедница. Ховениер рече дека Вашингтон го поддржува патот на Косово кон НАТО и оти очекува официјална Приштина еден ден да биде членка на Алијансата.

„Сакам да ги негирам оние кои сакаат да прават споредби за тоа кој каде е (во однос на НАТО)“, рече Ховениер, потсетувајќи дека четири земји од НАТО сè уште не го признаваат Косово и дека овој предизвик „треба да се надмине за да се дојде до членство“.

Видете и ова: Курти за РСЕ: Не прифаќаме предлози за динарот кои се спротивни на уредбата на Централната Банка

Претходно, американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, изјави дека Србија „во моментов е многу поблиску до НАТО отколку Косово“.

На ова реагираше косовската претседателка Вјоса Османи со оценка дека само „една земја е подалеку од НАТО од Србија, а тоа е Русија“.

Таа, исто така, рече дека Србија „не може ни да сонува еден ден да биде дел од НАТО“, бидејќи не ги дели истите вредности со Алијансата.

Високите функционери на Косово често ја изразуваат својата аспирација за влез во НАТО, што се должи на членството во програмата Партнерство за мир - која претставува практична билатерална соработка меѓу одредени евроатлански партнерски земји и НАТО.

Секоја земја која се стреми кон полноправно членство во НАТО треба прво да биде примена во Партнерството за мир за да продолжи кон процесот на полноправно членство.

Партнерството за мир не значи автоматски членство бидејќи има неколку земји, вклучително и Србија, кои се членки и немаат аспирации за понатамошно интегрирање во структурите на воениот сојуз.