ДСЗИ: Од понеделник забрани во градинките за невакцинирани деца со ДТП

Вакцинација во Скопје, февруари 2024 г.

Од понеделник (11 март) Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе започне со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се целосно имунизирани со вакцината ДТП против голема кашлица.

Ова го најавија од ДСЗИ откако ја добиле одлуката од министерот за здравство, Илир Демири.

„ДСЗИ денеска ја доби одлуката од министерот за здравство, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани, или се нецелосно имунизирани со ДТП“, информираат од Инспекторатот попладнето на 8 март.

Оттаму додаваат и оти ќе ги задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДТП.

„Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје – Скопје“, истакнуваат од ДСЗИ.

Видете и ова: Министерството за здравство ги прифати препораките за големата кашлица


Забрана за прием во градинки на деца кои не се целосно вакцинирани со ДТП доаѓа по препорака од Комисијата за заразни болести и откако беше прогласена епидемија во главниот град.

Бројот на заболени со голема кашлица, според податоците до 6 март, само во Скопје изнеснува 141 лице.

Кај деца, првата доза вакцина ДТП се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.