Тајван регистрирал кинески балони во близина на островот

Тајпеј, Тајван (фотоархива)

Тајванското Министерство за одбрана на 10 февруари објави дека за 24 часа детектирало осум кинески балони кои летаат над Тајванскиот теснец, од кои два го надлетале островот, како дел од зголемените активности на почетокот на лунарната нова година, објави Ројтерс.

Тајван, за кој Кина тврди дека е нејзина територија и покрај силното противење на владата во Тајпеј, се жали на балоните од декември, тврдејќи дека тие претставуваат закана за воздухопловната безбедност и обид за психолошка војна.

Во својот дневен извештај за кинеските воени активности, Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека го забележало првиот балон утрото на 9 февруари, а последниот во раните вечерни часови истиот ден.

Видете и ова: Претседателски избори во Тајван: Победи кандидатот кој се противи на Кина

Кинеското Министерство за одбрана не одговори на повиците за коментар за наводите на тајванското Министерство за одбрана, кои доаѓаат на почетокот на лунарната нова година, најважниот фестивал во кинеското говорно подрачје, пренесува Ројтерс.

Минатиот месец, кинеската влада ги отфрли обвинувањата на Тајван, велејќи дека тие ги користат балоните за метеоролошки цели и дека случајот не треба да се разгорува од политички причини.

Кинески воени авиони секојдневно оперираат во Тајванскиот теснец и често ја минуваат неговата средна линија, која претходно служеше како неофицијална бариера меѓу двете страни. Пекинг не го признава постоењето на линијата.

Тајван минатиот месец го избра потпретседателот Лаи Чинг-те за свој следен претседател, човек кој Кина го опишува како опасен сепаратист.

Лаи, кој ќе ја презема функцијата во мај, понуди разговори со Кина, што Пекинг ги одби. Лаи има став дека само народот на Тајван може да одлучи за својата иднина.

Потенцијалот на Кина да користи балони за шпионирање стана глобален проблем минатиот февруари кога Соединетите Американски Држави (САД) соборија, како што велат, кинески балон за надзор. Како одговор, кинеските власти изјавија дека се работи за цивилен балон кој залутал.