Стапи во сила примирјето меѓу Израел и Хамас

Раселените Палестинци се враќаат во своите домови, на почетокот на примирјето меѓу Хамас и Израел, во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, 24 ноември 2023

Во 7:00 часот во Газа започна најавеното време на привременото примирје договорено меѓу Хамас и Израел.

Се очекува да бидат потребни четири дена за да се олесни размената на 50 заложници кои ги држеше Хамас за 150 палестински затвореници кои ги држеше Израел.

На некои места на хоризонтот сè уште може да се забележи чад од последните израелски воздушни напади извршени 20 или 30 минути пред почетокот на привремениот прекин на огнот, јавува Би-Би-Си. Според извештаите немало пукање, минофрлачи, експлозии или каков било вистински звук на борби најмалку половина час по почетокот на примирјето.

Има малку детали за тоа како и кога би можеле да бидат ослободени заробениците, но се очекува првите 13 заложници да му бидат предадени на Црвениот крст во 16 часот по локално време (15 часот по средноевропско време).

Видете и ова: Во очекување на четиридневниот прекин на огнот, Израел продолжува со воените операции во Појасот Газа

Останатите заложници се очекува да бидат ослободени во групи секој ден до крајот на примирјето. Исто така околу 200 камиони хуманитарна помош ќе бидат пуштени во Газа.

Во исто време, израелскиот воздушен надзор се очекува целосно да престане во јужниот дел на Газа, додека на север ќе паузира од 10 до 16 часот секој ден.

Сѐ уште не е јасно кој ќе го надгледува примирјето.

Во средата израелската влада и радикалната организација Хамас постигнаа договор за четиридневно примирје. Во тој период Хамас треба да ослободи 50-тина заложници, а Израел 150 палестински затвореници.